(Галерија) Есента уште не стигнува во Дојран


Есента календарски дојде, но како да го заобиколува Дојранското Езеро. Викендов  голем број туристи уживаа во убавините што ги нуди ова уникатно езеро со своите уредени плажи и населбите кои се распослани на брегот – Стар Дојран, Нов Дојран и Николич, за што сведочат фотографиите на нашиот фоторепортер Боро Грданоски.

За овој дел од нашата земја, се вели дека е вистинското место на кое може да се почувствува климатското влијание од Медитеранот, за што секако придонесува отвореноста кон југ и ниската надморска височина (148 метри). Средната годишна температура на водата во езерото изнесува од 15-18 степени, но во летните месеци може значително да биде потопла и да достигне дури до 25-27 степени.

Дојран од година во година привлекува се повеќе гости – некои доаѓаат за да ги наполнат батериите, други заради тоа што им помага здравствено, а последните години се повеќе е прибежишгте на млади луѓе, за што придонесуваат музичките фестивали и концерти кои се одржуваат во текот на сезоната.

Езерото е познато и по својот богат животински свет – има околу 15 видови риби, кои се хранат со фитопланктони и зоопланктони кои се присутни во езерската вода. Целото подрачје изобилува со значајни видови птици и растенија, а веројатно најинтересните видови птици се кадроглавите пеликани. Ендемските видови алги во езерото овозможуваат продукција на јод, по што е надалеку познато ова наше езеро, како и по лековитата дојранска кал.

Големиот број хотели (околу езерото ги има околу 40), неколку модерни казина и многуте викендички (околу 600), заедно со други сместувачки капацитети, ја комплетираат сликата за овој наш туристички центар.

Можеби најдобра илустрација за него е една реченица во промотивен текст на специјализирана интернет страница: „Ако барате место за одмор и смиреност, во прегратка на медитерански амбиент, опкружени со неповторлива убавина на околината, тогаш Дојран е вистинското место за вас“.

Фотографиите во галеријата што ви ја нудиме надобро го покажуваат тоа.

(Фото: Боро Грданоски)