(Галерија) 1 Мај пред и за време на полицискиот час


Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај првпат беше одбележан во услови на ограничување на движењето до 14 часот, а синдикатите не излегоа на традиционален протестен марш.

Првомајските празници поминуваат со ограничено движење како една од мерките за справување со пандемијата на коронавирусот.

Пандемијата што го промени начинот на живот и влијае врз сите сфери на живеењето ги натера синдикатите да го одбележат овој ден поразлично од досега, но нивните барања и натаму се насочени кон тоа да се сочуваат работните места.

Убавото време, пак, ги извади жителите на главниот град на земјава на прошетка во парк или во блиските излетнички места.

Скратеното време поради ограничувањата заради корона вирусот беа пречка да се организираат традиционалните пикници, со скара, пиење и музика.

Времето овој пат беше искористено повеќе да се „протегнат нозете“, во пресрет на полицискиот час кој овој викенд почнува во 14 часот.

Граѓаните, како што се гледа и од фоторепортажата на нашиот фоторепортер Борис Грданоски, уживаа во можноста да излезат барем на кратко и да бидат со најблиските, со оглед дека важат мерките со кои се забранува групирање во поголеми групи. Но, и да се приберат на време дома и да го испочитуваат ограничувањето.

Уживајте во оваа фоторепортажа од Скопје, пред и за време на полицискиот час.

(Фото: Борис Грданоски)