Гала-свадба во Мајорка: Надал и Циска ја крунисаа 14 годишната врска со брак 


Шпанија- Рафаел Надал (33) е последниот од големата светска тениска четворка што заплива во брачни води. Шпанскиот тенисер и Марија Франческа Циска (31) го кажаа судбоносното „да“ на гала свадбена веселба што се одржа на тврдината „Форталеза“ на Мајорка. На крунисирање на 14 годишната љубовна врска присуствуваа 500 гости, а церемонијата мина во строги мерки на сигурност и безбедност.

Меѓу гостите на „Форталеза“ беа португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо, шпанскиот фудбалски голман Икер Касилјас и сопругата Сара Карбонеро, музичката ѕвезда, Енрике Иглезијас, поранешниот шпански крал, Хуан Карлос и сопругата Софија кои четири децении беа на престолот.

На ВИП листата со гости се најдоа и Фернандо Вердаско, Фелисијано Лопез, Карлос Моја, кошаркарот По Гасол и многу други.

 

 Раскошна свадба од над 40.000 евра

 

Раскошната свадба што некои ја насловија и како свадба на годината беше организирана во најстрога тајност и според шпекулации во медиумите чинеше над 40.000 евра.

Двојката ги преземе сите мерки да се заштити од љубопитната јавност, ТВ камерите и фотоапаратите. За нивниот ден да мине како што сакаат, гостите не смееја да користат мобилни телефони, беше забранет прелет со дронови и ниту еден од поканетите не можеше да допатува со приватен авион.

 

За храната задолжени Макарена де Кастро и Кики Дакоста

 

За храната беше задолжена готвачката со Мишелинова звездичка, Макарена де Кастро и светски познатиот Кике Дакоста кои само за Надал подготвија посебно мени со зеленчук за разлика од останатите за кои беше сервирана традиционална храна со месо и риба.

 

Венчаницата е креација на младата дизајнерка Роза Клара

 

Рафа и Циска ги венчаше свештеникот Бартомео Катала. Иако фотографии од самата церемонија се недостапни за јавноста, сепак, на социјалните мрежи беше објавено дека невестата носела венчаница што била потпишана на младата дизајнерка Роза Клара.

Според споделените цртежи може да се заклучи дека станува збор за елегантна венчаница со долги ракави и детали со чипка на горниот дел.

 

Се запознаа преку сестрата на Рафа, Марибел

 

Надал ѝ предложи брак на Циска во Рим во 2018 година. Информацијата со месеци ја чуваа во тајност пред да ја споделат со јавноста. Марија Франческа Перелјо е вработена во осигурителна компанија, но помага и во тениската Академија на Рафа. Двојката го чува за себе приватниот живот, па затоа се ретко и заедничките појавувања.

„Би сакал да имам деца. И син и ќерка. Како личност ги сакам децата и впрочем сум фамилијарен човек“, рече во една прилика Надал кој ја запозна Циска преку неговата сестра Марибел.

 

Тврдината „Форталеза“ е сопственост на лорд Луптон

 

Тврдината „Форталеза“ се наоѓа на брегот на Поленса на североистокот на Мајорка. Нејзин сопственик во 2011 година стана лордот Луптон кој плати 30 милиони фунти иако се бараа над 75 милиони фунти.

Тврдината е изградена во 1628 година за одбрана на Мајорка од освојувачите. Лорд Луптон го прошири имотот во чии рамки смести хелиодром, два базена за пливање, седум вили и 17 апартмани.