Гала оперски концерт и балет „Болеро“ в петок во НОБ


Националната опера и балет за 27 ноември од 19 часот најави  ексклузивен оперски гала концерт и во истата вечер – балетот „Болеро“ од Морис Равел.

Солисти на оперскиот концерт ќе бидат сопранистките Весна Ѓиновска-Илкова и Катерина Стојановска, тенорот Ѓорѓи Цуцковски и басот Владимир Саздовски, во придружба на оркестарот на НОБ под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Во вториот дел од вечерта в петок публиката ќе има можност да го проследи и балетот „Болеро“ од Морис Равел, во кореографија на Саша Евтимова. Ќе настапат Женскиот балетски ансамбл, сопранот Катерина Стојановска и Оркестарот на Националната опера и балет.

Настанот ќе се одржи со почитување на здравствените протоколи. Влезот за публика ќе биде отворен еден час пред почетокот на концертот. Билетите се во ограничен број.