Гала концертот со Карерас беше и парада на тоалети (фото)
Концертот со славниот шпански тенор Хозе Карерас, синоќа, на Градскиот плоштад во Скопје, не беше само голем музички настан, туку и парада на елеганцијата, гламурот и впечатливите креации. Под светлата на сцената на отворено, каде што музиката, гласот и славењето на независноста беа во центарот на вниманието, дел од најпознатите дами од македонската фолк, поп и оперската сцена се појавија во изданија со кои јасно покажаа дека ваква вечер не се пропушта без соодветен моден печат.

Од Каролина и Калиопи, преку Маја Оџаклиевска, Сузана Спасовска па се до оперските певици Дешира Амети-Крлиу и Ана Дурловски – секоја од нив имаше своја визија за тоа како треба да се изгледа за една гала вечер со еден од најголемите тенори на денешницата. Различни стилови, кроеви, материјали и додатоци, но со заедничка желба да блеснат и да остават впечаток во јавноста.

Каролина избра впечатлива бела тоалета со потпис на македонски дизајнер со стил во кој ретко ја гледаме. Пленеше со софистицираноста, во консултација со стилистката Јована Зука. Долгиот фустан со слим линија кој ја оцртува фигурата беше комплетиран од куса наметка со изразено рамо изработени со вез од кристали во златни мотиви, надополнет со бели ракавици.

Калиопи , внесе лична доза на драматичност и разиграност со палтото кое се прелеваше во неколку бои на светски дизајнер од Белград, со долгиот фустан од тул, и накитот филигран на раката, специјално изработен за неа, ретко виден кај нас. За Опи тоа беше најсуштинскиот детаљ во стајлингот со најтесна симболична поврзаност со Македонија и самиот настан.
Маја Оџаклиевска избра едноставен гламур со црно-белата тоалета, со фокус на накитот. Сузана Спасовска избра црна драматична светкава тоалета, достојна за концертот. Заради гала атмосферата на една вечер посветена на оперската музика, со својот избор се вклопија и певиците Ана и Дешира, првата во зелен сатен, другата во црвен тул.

Вечерта со Карерас така се претвори во повеќе од концерт. Вечер во која и нотите и тоалетите имаа своја улога, и меѓу дамите во Македонската филхармонија. А кој блесна најмногу? Тоа секако останува прашање на личен вкус, но конкренцијата беше сериозна. (Л.С.)


