Премиерно прикажан филмот „Хомо“ на затворањето на Синедејс, наградата „Златна ѕвезда“ за филмот „Гагарин“


Со премиерата на филмот „Хомо“ на Игор Иванов Изи, под отворено небо на покривот на ГТЦ и концертот на Здружението на џез музичари и гудачкиот оркестар во паркот на МКЦ, беше затворен 19.Меѓународен фестивал за европски филм – Синедејс.

– Затворивме успешен фестивал. Скопје го претворивме во кино под отворено небо и успеавме да стигнеме во многу маала, да ги ревитализираме за време на фестивалот некогашните кино простори и да му дадеме друг пулс на градот, вели Маргарита Арсова, координаторка на Синедејс.

Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше жири комисијата во состав, Лабина Митевска, актерка и продуцентка, Благој Веселинов, актер и Кнут Елстерман, режисер, која ги додели следниве награди:

Во официјална селекција, наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби „Гагарин“ во режија на Фани Лијатар и Жереми Трули. Во „SEE програмата“ наградата „Златно сонце“ за најдобар филм ја доби „Оаза“ во режија на Иван Икиќ.

Специјално признание доби филмот „Матер“ во режија на Јуре Павловиќ од „SEE програмата“.

Овогодинешниот Синедејс се одржа во поместен термин и го следеа повеќе од 5.000 луѓе. Фестивалот под слоганот „Филм на секое платно“ и со програмски репертоар од 40 филмски проекции се одржа на девет локации низ Скопје, а се одржаа и три концерти со фокус на домашната филмска продукција.