Гаф на Османи, на пописот има графа „Бугари“
Министерот за надворешни работи Бујар Османи утрово ги повика преставниците на бугарското малцинство во земјава да се јават во надлежните институции и да побараат графа за нив – „Бугари“.
Станува збор за гаф на министерот бидејќи во апликацијата за сегашниот попис таква графа има, а според информации од Заводот за статистика, таква графа секогаш имало. Министерот очигледно не сака да сфати дека во случајов не станува збор за нарушени права на бугарската заедница во Македонија туку за отворен притисок од надвор нашите граѓани да се изјаснуваат што повеќе како Бугари. И, место да испрати протестна нота до Софија заради безобразното мешање во внатрешните работи на нашата држава, Османи ги советува Македонците што се изјаснуваат како Бугари – како да ги решат правата што всушност им се загарантирани, а за кои нашето малцинство во Бугарија може да сонува за нив.
Ова е четвртта причина Османи како шеф на дипломатијата да прати протестна нота до Софија која ги помина сите граници на недобрососедство со една држава, макар била и членка на ЕУ.
Првата причина беше заканата од министерот Красимир Каракачанов дека со војска ќе влезе во Македонија, а втората беше средбата на претседателот Румен Радев со разузнувачките служби од кои побара да интервенираат кај нас. Третата причина е поврзаноста на Игор Југ со бугарските здруженија во земјата што отвора дилема дали Софија била замешана во обидот за државен удар. Четвртата причина се ветувањата за давање пасоши по брза постапка на тие што на пописот ќе се изјаснат како Бугари, заканите за тие што зеле пасош изјаснувајќи се како Бугари, а на пописот ќе се запишат како Македонци и дрското вклучување на бугарските дипломатски преставништва кои треба да ги упатуваат тие со бугарски и македонски пасоши како да се постават кон пописот во нашата држава.
Вакво нешто нема ни во Африка, а нашата дипломатија е во комплетна дефанзива. Тоа што во Бугарија има избори и треба да им прогледаме низ прсти, апсолутно не треба да биде опција за ваквото пасивно гледање на политичкото тормозење од соседната држава која очигледно го сфаќа нашиот однос како порака дека може да оди подалеку.
Министерот Османи е единствениот што досега не ги осуди бугарските мешања во Македонија што може да е стратегија на Владата (во смисла некој е добар кон Софија, некој лош), но тоа го наметнува прашањето – дали тој може да се носи со овој спор воопшто и дали разбира воопшто каков одек има во јавноста? Неодамна Османи во интервју најави дека преговорите со Бугарија може да донесат решенија кои може да бидат болни и непопуларни, но времето ќе покажело дека тоа е во интерес на државата.Крајно време е министерот и Владата воопшто за однесувањето на Софија да испратат реакција до НАТО, ОН, Советот на Европа, ОБСЕ и ЕУ, иако последнава не се покажа на ниво на тоа што се преставува. (Н.В.)