Гаф на грчката телевизија Скај, сцени од игран филм ги претстави како вистински за Бед Блу Бојс


 Сцени од хрватскиот филм Метастаза од 2009 година, во кој хрватскиот актер Рене Биторајац глуми насилен хулиган од Бед Блу Бојс (Bad Blue Boys), ги искористи грчката телевизија Скај во централното издание на вестите во прилог посветен на „профилот на неонацистите хулигани на Динамо Загреб“, како да се од вистински настан, нешто што не остана незабележано од хрватскиот актер, кој и се пошегува на сметка на телевизијата, но и упати критики, јави дописничката на МИА од Атина.

Биторајач на Инстаграм го објави видеото од Скај, напиша дека го осудува хулиганството, истакна дека постојат и пропусти и будали, а тој се нашол во грчки дневник со сцени од филм, додавајќи дека сѐ уште не добил „покана за испрашување“.

-Отсекогаш сакав да бидам во централните грчки вести. Никогаш не отстапувајте од своите цели, верувајте во себе и сѐ ќе ви се исполни. Искрено и длабоко го осудувам хулиганството, како и подбуцнувањето, па еве и употреба на сцени од игран (не документарен) филм за пропаганда, оцрнување и генерализирање, напиша на Инстаграм Биторајач, откако се појави во прилог на грчката телевизија.

Додаде дека се сеќава на гостувањето во Атина, каде што присуствувал кога на навивачите им бил фрлен молотов коктел, истакнувајќи дека никогаш не се чувствувал понебезбедно на стадион.

-Во целата трагедија, сепак се надевам дека ножот не е од некој од Бојс. Секој поединец одговара за своите постапки, но органите за ред мора да ги заштитат останатите! Пропусти колку сакаш, исто како и будали. Но, еве ме мене во грчки дневник. Сѐ уште не сум добил покана за испрашување, напиша Биторајач.

Грчката телевизија Скај во прилог користи сцена од филмот коментирајќи дека „расизмот на навивачите на Динамо Загреб е очигледен во сите нивни потези“ и на мета се „фудбалери со друга боја на кожата“.