Гацов: Во соседните земји листите на производи со ДДВ се многу појасни, тарифните броеви се за експерти


Во соседните земји листите на производи со ДДВ се многу појасни со опис точно така како што очекувате во маркетите да ги најдете. За жал Македонија ова го прави преку тарифни броеви во царинска тарифа што е работа за експерти, за граѓаните и оние кои работат во маркетите ќе биде сложено за примена, оцени претседателот на Извршниот одбор на Здружение на советници Павле Гацов.

Гацов на денешната конференција пред почетокот на денешната дебата „Ефектите на финансиската и енергетската криза врз политиките и граѓаните“ организирана од Центарот за граѓански комуникации посочи дека очекува во најскоро време да се случат промени во одлуката.

-Очекувам за брзо време, бидејќи одлуката од денеска е во сила, да се случат промени во одлуката и беше најавена промена, веројатно вторник или среда ќе биде објавена измена што ќе ги прифати овие некои производи што наводно се луксузни, а не се, зборувам за основни прехранбени производи или оние што се во групата на гарантирани цени кои, исто така се опфатени делумно со ова зголемување од 5 на 10 проценти, рече Гацов.

Одговорајќи на новинарско прашање за капиталните инвестиции, рече дека постојано се претставува политичка зрелост и економска сила, но дека при реализацијата вистината е поинаква.

-Ние постојано кај капиталните расходи во планирањето натфрламе во обид да се претставиме политички зрели, економско силни, но во реализацијата се покажува вистината. Немаме капацитетност, беше најавен тимски пристап дека ќе има обид преку тимовите, сето тоа да се реализира на ниво на сите буџетски корисници. Засега нема најава за таква работа, посочи тој.

Гацов рече дека моментално даночната реформа е пресилен збор, оти како што појасни тој ништо реформско не се правело во овој дел.

-Даночната реформа е пресилен збор, ние не направивме ништо реформско, се боревме едноставно. Даночна реформа е прогресивно оданочување, исклучување или воведување на некој во системот и во режимот на оданочување, но според мене вистинска реформа Македонија би направила со борбата со сивата економија, порача Гацов.