Габриел Бајрам со син му тепале шанкер и демолирале објект


Габриел Бајрам, советник во Град Скопје и син на починатиот пратеник Амди Бајрам, е во притвор во Шутка откако пред неколку дена повредил шанкер и кршел инвентар во ресторанот „Аквадукт“ на булевар „Словенија“ во Скопје. Инцидентот се случил на 28 јули околу 23.20 часот кога Габриел со син му Валентин го истепале шанкерот, а потоа оштетиле дел од инвентарот, соопшти МВР.

Пред неколку дена беше објавено дека Бајрам не се јавил на распит во полиција за копањето биткоени во ГТЦ, но се одзвал на поканата да слави со Владата во Клубот на пратеници по првата меѓувладина конференција во Брисел. МВР објави дека по Габриел Бајрам имало и централен распис за да се спроведе во полициска станица, но засега нема одговор дали бил пронајден пред или по прославата.

За инцидентот информираа од Основното јавно обвинителство Скопје кое поведе постапка против две лица, татко и син од Скопје, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Двајцата осомничени, на 28 јули, во угостителски објект на булеварот „Словенија“ во Скопје, додека биле на семејна роденденска прослава, извршиле грубо насилство врз едно лице. Оштетениот одбил на еден од присутните гости на прославата да му даде чинии за кршење. Во тој момент, осомничениот се упатил кон шанкот и со рака замавнал кон шишињата и чашите, фрлајќи ги кон лицето на оштетениот. Оштетениот успеал да се заштити со рацете, по што осомничениот започнал да го удира со боксови во пределот на главата. Кон ударите се придружил и неговиот син, а за цело време двајцата осомничени упатувале пцовки и закани кон нападнатото лице. Оштетениот се здобил со телесни повреди по главата и телото, додека насилството предизвикало чувство на несигурност, загрозување и страв кај други присутни сведоци на настанот.