Г.Г. Стефан: Поминуваме низ период кој бара послушност и воздржување


Фото: Б. Грданоски

Велигден, денот на Христовото Воскресение, е празник на победата и празник на животот, порача Г.г. Стефан на полноќната литургија што се одржа во тесен круг во Соборната црква. Тој притоа повика овој празник да не потсети да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелство, во овој свет во кој човештвото во голема мера е заробено од самољубие и рамнодушност, од лакомост за богатење и моќ, од овоземни задоволства и од суетна слава.

-Поминуваме низ еден период кој од нас бара послушност и воздржување. Појавата на корона – вирусот во светот, а воедно и во нашава земја, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни. Затоа, да се придржуваме по советите и мерките изречени од надлежните институции, и сите заедно да придонесеме да се намали и спречи ширењето на заразата.

На нашите верници им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нè избави од оваа опасна болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата.

Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста. Да се молиме Бог да ни ги прости нашите гревови и да нè помилува, зашто само Бог ни е прибежиште и сила, и докажан помошник во неволја.

Затоа, во маката да бидеме трпеливиа во молитвата постојани, зашто Воскреснатиот Господ е нашата надеж. Нека овој период ни биде време за покајание и за засилена молитва. Искушенијата што нè снајдоа нека ни бидат за утврдување во верата и за духовно напредување. Сè е возможно за оние што веруваат, зашто Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, порача Г.г. Стефан.