Г.Г. Стефан: Покажете трпение, молете се за болните


Празникот на Христовото воскресение не потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот и кон љубовта, која е најголема сила. Но таа е силна само тогаш кога е во заедништво со Христа и со Неговата неизмерна љубов, кога станува наше сведоштво и наш начин на живеење, истакнува во Велигденското обраќање Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

Г.Г Стефан посочува дека поминуваме низ еден период кој од нас бара трпение, послушност и воздржување и оти појавата на заразната болест Ковид-19, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни.

– На нашите верници, и овде во Македонија и насекаде низ светот, им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нѐ избави од опасната болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста, истакнува меѓудругото г.г. Стефан во Велигденското обраќање.

Јавниот радиодифузен сервис МТВ ќе врши директен пренос од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ на полноќното објавување на Христовото воскресение и Велигденската литургија во недела, со која ќе началствува Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.