Г-дин Борисов ја сфатил нашата порака за оптимизам и позитивен дух : Александар Митевски открива како со Дац ја снимиле „Корона чао“


Лејла Сабит

„Корона чао“ на двоецот Александар Митевски и Драган Спасов-Дац стана вирален хит на социјалните мрежи. Песната, кавер на познатата „Bella Ciao“, во придружба на Брастет Скопје, за еден ден има над 500 илјади прегледи. Ја постираат на своите инстаграм профили и познати личности од регионот, а на Фејсбук се врти клипче како и бугарскиот претседател Боjко Борисов ја слуша во својата кола, со полициска придружба.

За nezavisen.mk, Митевски проговори зошто талентот не му дава мира и во време на короната, како дојде до „музичкото гушкање“ и со тенорот Благоја Нацоски кој живее и работи во Џенова, Италија, и дали со Дац ќе снимаат и други карантински песни.

Во вас како композитор тлее некоја си романтика, носталгија и тежина на зборот на која и пејачите и јавноста им веруваат. Со актуелната песна „Корона чао“ која постојано се врти на социјалните мрежи ни внесовте една позитивна кафеанска енергија. Дали талентот во вас не ви дава мира и во време на короната или едноставно вака реагирате на кризата?

– Благодарам за убавите зборови околу романтиката во песните. Тоа ми е заштитен знак уште од првите песни, првите балади што ги пеев. Отсекогаш сакав да напишам и отпејам емотивни текстови кои ќе допрат во срце. Затоа многу песни и не излегоа во јавност и ме немаше долго време. Додека не се решам во себе дека имам вистинска песна, не ја објавувам. Проектот со Дац на некој начин ме врати на сцената, добив заедничко креативно тунелче каде што можам да придонесувам со музика, текстови, идеи. Се редеа песни, настапи, се до овој карантин кога со Дац решивме да се посветиме на нашата онлајн прикаска и да го инспираме народот да седи дома, да се придржува кон препораките и да му дадеме барем малку дух во тие денови. Во една од паузите, си ја запеавме оваа песна, уште пред еден месец и ја напишавме. Деновиве откако малку се подолабавија мерките, малку ја дошминкавме и ја снимивме. Немавме никаква претензија тоа да прерасне во ова што е денес, но луѓето сами си ја прифатија и ја споделија насекаде низ регионот. И тоа ни е многу драго.

Песната е хит во Бугарија, дури и на ФБ  е пуштено клипче како претседателот Борис Борисов ужива да ја слуша. Имате ли информација за тоа?

-Па, да, не само во Бугарија, туку и во Србија и останатите балкански земји. Менталитетот е сличен, сите сме во иста ситуација со карантинот и мерките и секаде звучи питко тој наш музички револт против овој вирус кој ни ги смени животите и мечтаеме за оној “претходен живот” . Тоа со г-динот Борисов и нас пријатно не изненади и не знаеме како стигнала песната до него. И некои други познати личности од регионот ја постираа на своите инстаграм профили и драго ни е што е така. Пораката за оптимизам и позитивен дух успеала да се разбере точно.

Ова е време кога далечината најмногу не зближува. Претходно, вашата песна од „Макфест“ „Уште ми фалиш“, доби своја италијанска верзија од тенорот Благој Нацоски кој коментираше дека сега е време за музичко гушкање. Како дојде до таа соработка?

-Да и тоа е позитивен момент кој испадна непланирано и спонтано. Од наша новинарка и пријателка која живее во Италија дојде идејата дека убаво би звучела песната на италијански. Оваа песна им била многу драга таму во денови на карантин и ми предложија да го побарам нашиот познат тенор Благој Нацоски. Благој не ја слушнал оваа песна и од прва му се допадна и прифати да направи препев. Потоа преку разни техникалии дојдовме до снимката која беше музичка прегратка на два народа – македонскиот и италијанскиот. Дури од италијанската амбасада во Скопје добивме благодарност за идејата.

Како станавте дует со Дац? Дали таа соработка ќе продолжи и понатаму?

-Со Дац сме другари со години, а секогаш сме снимале само реклами или театарски музички парчиња. Се до моментот кога на приватна забава запеавме нешто заедно и нашите пријатели рекоа – вие сте добар тандем , пејач и глумец, треба да пробате некоја комбинација. Па така направивме песни за фестивали кои поминаа одлично, а направивме и евергрин журки со многу љубов, носталгија, песни и стихови. Се до моментот кога не се затворија кафеаните. Потоа се префрливме на интернет .

Како е да се компонира во услови на коронавирус кога сите културни и музички настани од живо се префрлаат на дигитална платформа. Дали тоа е иднината на музиката?

-Па и јас бев скептик дека тоа може да функционира иако знам многу другари мои продуценти кои така работат постојано. Си направив помошно студио во мојот дом и сите музички идеи и проекти ги работам тука, па некако полесно ми минуваа деновите на строг карантин. Сепак јас мислам дека филингот кога настапуваш и дишеш со публика е ненадоместлив, и посакувам сето тоа да се врати многу брзо.

Овој вирус ни понуди многу лекции, додуша сосила, ама, сепак не подразбуди. Која е најважната според вас?

-Успорувањето на темпото на живот, поголемо посветување кон семејството, свесноста за нашата ранливост и краткоста на животот. Се надевам дека сите научивме барем дел од лекциите.

Дали карантинот и животот меѓу четири ѕида ќе не натераат да почнеме или да продолжиме да читаме, и да ги откриваме и посетуваме бескрајните галерии, музеи и фонотеки во себе?

-Веројатно. Мислам дека човек е покреативен кога е “стеран во ѕид” . Физичкиот карантин не смее и треба да е духовен, емотивен или креативен.

Кои ангажмани моравте да ги откажете или одложите?

-Па скоро никои. Јас сум компјутерски тип, доста сум мобилен и многу од работите ги завршувам во било која просторија. Доволно е да се исклучам и да влезам во мојот свет. Дури и фановите кои одеа по кафулињата со нас, овојпат добија цела програма од почетокот на карантинот.

Што најмногу ви недостасува сега?

-Како и на сите, поголема слобода, контакт со луѓе и заеднички средби. Но сето тоа е надоместливо, за сметка на нашето и јавното здравје. Убеден сум дека социјалната дистанца и мерките кои ги предложи министерот сепак донесоа успех. Колективната свест се промени, а тоа беше целта.

Кои се вашите планови во иднина? Нова карантинска песна или…?

-Малку е напорно ова темпо морам да признаам. Ќе има секојдневно нова песна и потсетување на некој евергрин, наш или екс-ју, со Дац и со нашите гости и тоа така се до моментот кога ќе почувствуваме дека е доволно. Спонтано ќе си дојдат новите песни, како и последната „Корона Чао“.