Г-7 уште повеќе ќе ја изолира руската економија


Лидерите на Г-7 објавија заедничка изјава во која ветија поголема изолација на руската економија и засилување на кампањата против руските елити кои го поддржуваат претседателот Владимир Путин.

– Седумдесет и седум години подоцна, претседателот Путин одлучи да ја нападне Украина со неиспровоцирана агресија. Неговите постапки се срамни за Русија и историските жртви на нејзиниот народ, се наведува во изјавата.

Лидерите, на кои на онлајн состанокот им се придружи и украинскиот претседател Володимир Зеленски, ветија дека „постепено ќе ја укинат зависноста од руската енергија, вклучително и увозот на нафта“.

Тие го повикаа претседателот Путин да ја прекине блокадата што го попречи производството на храна во Украина и ветија дека ќе продолжат со кампањата против финансиските елити кои го поддржуваат шефот на руската држава. 

САД претходноо бјавија дека се воведени санкции против три руски телевизиски станици, забрането им е на Американците да даваат сметководствени и консултантски услуги на Русите и санкционирани се раководителите на Газпромбанк, третата по големина руска банка. Ова се први санкции досега против банката која го опслужуваше рускиот гасен гигант. САД и нивните сојузници досега избегнуваа да воведат санкции против Газпромбанк поради страв дека тоа може да доведе до недостиг на гас за купувачите од ЕУ, бидејќи поголемиот дел од Европа купува руски гас преку оваа банка.

Висок функционер на Белата куќа истакна дека потегот не е целосна блокада, туку дека има за цел да сигнализира дека Газпромбанк не е безбедно засолниште.

– Ова е веќе неуспех за Путин и ние ќе продолжиме да им оддаваме почит на храбрите борби на украинскиот народ и да го слушаме претседателот Зеленски, изјави висок претставник на Белата куќа за новинарите пред состанокот на Г7.

Новите санкции, исто така, ќе наметнат нови извозни контроли против рускиот индустриски сектор и вклучуваат речиси 2.600 визни ограничувања за руски и белоруски службеници. Белата куќа, исто така, соопшти дека Комисијата за нуклеарна регулација ќе ги суспендира дозволите за извоз на специјален нуклеарен материјал во Русија.

Исто така  Вашингтон ќе продолжи да обезбедува разузнавачки информации за Киев, но украинската војска мора да одлучи што да прави со нив, изјави денеска за Си-Ен-Ен Линда Томас-Гринфилд, постојан претставник на САД во Обединетите нации.

– Ние им даваме разузнавачки информации за да можат да се одбранат од руската агресија, како и да заземат подобра позиција на преговарачката маса со руската страна, но одлуката за тоа како да ги користат овие разузнавачки информации останува на нив, истакна Томас-Гринфилд.

Според неа, САД не престанале да ја поддржуваат Украина од почетокот на руската инвазија.

– Ќе продолжиме да ја даваме потребната поддршка“, додаде Томас Гринфилд, истовремено тврдејќи дека „Русија ги почувствувала ефектите од американската поддршка за Украина“.