И земјите од Г-7 побараа почнување на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ
Прашањето за иднината на Западен Балкан и отпочувањето на преговорите со Македонија и Албанија е во врвот од долгото соопштение од состанокот на министрите на Г7 во Лондон
Прашањето за отворањето на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ се најде дури и на дневниот ред на министерскиот состанок на Г7 (групата најразвиени држави) на кој беше побарано овој процес и формално да започне. Во долгото соопштение од дури 27 страници за темите за коишто се расправеше на состанокот на министрите за надворешни работи во Лондон прашањето за иднината на Западен Балкан во ЕУ и регионалната стабилност е во самиот врв во главата за надворешна и безбедносна политика по ставовите за Русија, Украина и Белорусија, а пред другите „жешки точки“ во Азија и Африка. Тоа покажува колку за најразвиените земји (плус ЕУ, чиј претставник беше Жозеп Борел) е важна европската перспектива на регионот и неговата безбедност.
„Ја потврдуваме нашата заедничка посветеност на безбедноста, економското закрепнување и eвропската перспектива на шесте земји од Западен Балкан како клучна инвестиција за мир и стабилност. Ние ја нагласуваме важноста за унапредување на неопходните внатрешни реформи, особено за владеењето на правото, вклучително и справување со организираниот криминал, недозволени финансии и корупција, со строги мерки против најеклатантните случаи. Ние затоа го поддржуваат формалното отворање на преговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и Северна Македонија“, стои на почетокот од заклучоците за Западен Балкан.
Министрите ги повикаа Косово и Србија да се вклучат конструктивно во преговорите за дијалог со посредство на ЕУ и целосно да ги нормализираат своите односи преку сеопфатен и правно обврзувачки договор што придонесува за регионалната стабилност.
Во заедничката изјава министрите за надворешни работи на Г-7 остро го отфрлат секој обид за поткопување на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, посочувајќи дека неоправданите шпекулации за промена на границите по етничка линија не се решение за предизвиците во регионот и дека таквите промени би претставувале закана за безбедноста во регионот. Министрите ја поздравија кандидатурата на Кристијан Шмит за висок претставник во БиХ.
И ова соопштение на седумте моќни земји (САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Јапонија и Канада) одолговлекувањето на европската перспектива на Македонија и Албанија му нанесува големи штети на регионот и на најдиректен начин се побара од ЕУ да нема веќе блокади, како бугарската.
Министрите за надворешни работи на ЕУ наредната недела ќе расправаат за Западен Балкан, а пораките што пристигнуваат од огромниот број европски метрополи се дека одлуката за почнувањето преговори со Македонија и Албанија треба да се донесе во јуни за време на португалското претседателство. Наспроти сите овие залагања останува осамена Бугарија. Последната изјава од таму дојде вчера кога Аталнтскиот совет на земјата побара од властите да продолжи блокадата на Македонија додека Скопје не се согласи на барањата на Софија. (Н.В.)