Фуриозен почеток на „ОФФест“ со африканската вечер, денеска настапуваат „Бои Аки“ и „Куту“


23. издание на „ОФФест“ синоќа почна со фуриозен настап на „BOMBINO“ и на „BCUC“ (Bantu Continua Uhuru Consciousness). Двете групи во таканаречената африканска вечер ги воодушевија присутните во салата на Националаната опера и балет со музиката испрпеплетена со африкански ритми. Публиката не остана рамнодушна на настапите па многумина возвратија на повикот на музичарите да станат и да играат во ритамот на музиката.

Вечерва фестивалот продолжува со микс од индиски и африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет BOI AKIH (БОИ АКИ), во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер група KUTU (КУТУ). 


 
Повеќе од 25 години, пејачката и текстописец Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Браувер се срцето и душата на БОИ АКИ. Безграничната љубопитност ги наведува на нови експерименти и откритија и тие денес ги чувствуваат блиски музичките традиции од сите страни на светот – од модерниот џез до класичната индиска музика. 

– Уникатниот звук на Бои Аки произлегува од постојаната интеракција меѓу музичарите и изворите од кои тие црпат. Овој звук, изненадувачки нов, а сепак целосно препознатлив, ги обединува акустичните звуци и електронските звучни пејзажи со сестраниот, топол глас на Моника Акихари, која понекогаш пее на Англиски, а понекогаш на Харуку, јазикот на островот на нејзиниот татко. Во музичките проекти на Бои Аки, нивните длабоки, лични музички истражувања резултираат со хармоничен спој на навидум инкомпатибилни звуци, ритми и тоналитети, поништувајќи ги границите помеѓу старото и модерното, помеѓу музиката, приказната и поезијата и помеѓу Истокот, Западот, Северот и Југот, велат организаторите.


 
КУТУ се формирани во Адис Абеба каде што францускиот виолинист и композитор Тео Секалди го открива симбиотскиот глас на етиопската рок-пејачка Хејван Гебрeволд. Заедно, се впуштаат во авантура на создавање нов импровизаторски концепт кој ги спојува Азмари и Етио-џез корените со поезијата и грувот на светската урбана култура. Во Етиопија бендот се третира како еден вид НЛО поради својот речиси вонземски звук.

– Од поезијата на денешницата и селекцијата на етиопски племенски ритми, Тео Секалди гради сончев систем во кој се соединуваат импровизацијата, галопирачките вокали и панк енергијата, поддржани од моќна ритам секција и постава со заразна енергија: електро-вселенски клавијатури, древни перкусии, хипнотичен бас, заносен танц и небески гласови, наведуваат организаторите.