Функционерите со намалена плата – два месеци ќе земаат само 14.500 денари

Сите функционери и раководители два месеци ќе се најдат под рестрикција и ќе добиваат минимална место актуелната плата. Како што појасни лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција, платата ќе им изнесува 14.500 денари.

Истата мерка ќе важи и за судиите и обвинителите, а мерката за нив ќе важи за два месеци.

Сите вработени во јавниот сектор на државно и на локално ниво ќе добиваат, исто така, минимална плата за април и мај, но ова не се однесува на медицинскиот персонал, полицајците и сите што се справуваат со корона вирусот.

– Сите избрани и именувани функционери и раководители на државно и на локално ниво, пратеници, премиер, вицепремиери, министри, градоначалници, директори, раководители, судии и обвинители, ќе земаат минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај – рече Заев.

Заев рече дека членовите на управни и слични одбори од извршната и локална власт, како и членови на комисии нема да земаат никаков надомест за април и мај, бидејќи ова не е време за екстра надоместоци. Заштедите, рече Заев, ќе се уплатат во фонд за борба против короната, отворен во рамките на буџетот на Владата.