Функционер на НАТО: Украина ќе се приклучи на Алијансата ако отстапи територија на Русија


 

Шефот на кабинетот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Стијан Јенсен, изјави дека Украина може да стане членка на НАТО во замена за отстапување на територија на Русија, што исто така ќе донесе крај на војната.

Говорејќи на панелот во Норвешка за иднината на Украина во НАТО заедно со универзитетски професори и експерти, Јенсен меѓу другото рече: „Едно решение може да биде Украина да отстапи територија и да добие членство во НАТО за возврат. Не велам дека тоа треба да се случи, но тоа може да биде можно решение“.

Запрашан од норвешкиот весник „ВГ“ дали тоа е ставот на НАТО, Јенсен посочи дека дискусијата за повоениот режим веќе е во тек и дека прашањето за отстапување територии на Русија веќе е покренато од други.

Најблискиот соработник на Столтенберг вели дека „мора да се размисли“ за безбедносната ситуација во Украина по завршувањето на војната. „Важно е да се разговара за ова“.

Јенс Столтенберг ги избегнува прашањата за тоа што треба да направи Украина за да стави крај на војната. Тој посочи дека приоритет е Украина да победи во војната, бидејќи тогаш нејзиното вклучување во алијансата и безбедноста предвидена со член 5 од НАТО ќе биде дадена.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски не успеа да ја обезбеди очекуваната – од Киев – покана за неговата земја официјално да се приклучи на Алијансата на неодамнешниот Самит на НАТО во Вилнус. Наместо тоа, Киев доби уверување дека земјата може да се приклучи на Алијансата по завршувањето на војната со Русија.