Фудбалскиот меч во Скопје влезе во бугарската изборна кампања

Исвиркувањето на бугарската химна и извиците „Бугари – Татари“ беа веднаш искористени од политичките актери да се стави некој поен на контото


Публиката ја исвирка бугарската химна (Фото: Б. Грданоски)

 

Како што и се очекуваше, фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Бугарија во Скопје имаше многу голем политички влог, кој поради однесувањето на дел од навивачите на националната арена се претвори во точка на нови недоразбирања. Првиот меч во Разград помина коректно, па ФФМ и селекторот Благоја Милевски повикаа политиката да се остави настрана и сѐ да помине спортски и фер, но се претпоставуваше дека тоа нема да биде така.

Исвиркувањето на бугарската химна не беше неочекувано (иако тоа требаше да биде покриено со посилен глас од звучниците). Вакви исвиркувања има на сите стадиони во светот, не редовно, но не и многу ретко. Но изгледа дека она што ги погоди најмногу гостинските фудбалери, а и политичарите во Бугарија, беа извиците „Бугари – Татари“. Македонското Министерство за надворешни работи го осуди „говорот на омраза“ на стадионот и повика на поголема меѓусебна почит, онака како што им одговара на спортските настани. Резултатот беше лош за македонските фудбалери, загубија со 1:0 во групата на Лигата на нации во која имаа големи амбиции и најпосле завршија трети, само пред Гибралтар.

Додека македонските политичари молчеа по натпреварот нивните бугарски колеги ги искористија и исвиркувањето и извиците и победата да испратат пораки кои можеби ќе им користат во последните две недели од изборната кампања.

Најбрзи во реакциите беа лидерите на ГЕРБ и Има таков народ, Бојко Борисов и Слави Трифонов. Тие уште во понеделникот вечерта пишуваа на Фејсбук. По нив на темата се приклучија досегашниот пратеник Ивајло Мирчев од Демократска Бугарија, лидерката на БСП, Корнелија Нинова, како и претседателот на Преродба, Костадин Костадинов.

Слави Трифонов на Фејсбук ја раскажа атмосферата од дневата соба: „Седам и го гледам натпреварот Бугарија – Северна Македонија, но зјапам празно во телевизорот, бидејќи во моите уши свирежите на бугарската химна и викотниците, кои и покрај звучните сигнали, многу јасно се слушаа: ‘Бугари – Татари’, ‘Бугарски Цигани’ и „Бугарски пи*ки’. Тоа се извиците на благодарност со кои благодарните Македонци им се заблагодаруваат на Продолжуваме со промената, на ГЕРБ, ДПС, Демократска Бугарија и на неутралната БСП што ги оставија да започнат преговори за членство во ЕУ“, напиша тој и додаде:

„Претпоставувам дека Кирил Петков, Асен Василев, Бојко Борисов, Мустафа Карадај, Христо Иванов и неутралната Корнелија Нинова ги слушаат свирежите, но и извиците затоа што се за нив. Затоа што ја занемарија омразата на Македонците и тажната состојба на Бугарите во Северна Македонија. Сигурен сум дека ја слушаат благодарноста.

Оп, Десподов погоди. Одлично. Нема подобар одговор на целата глупост од победата“, заклучи лидерот на Има таков народ, која во анкетите се бори да го помине 4-процентниот праг за влез во парламентот.

На стадионот имаше и мала група бугарски навивачи (Фото: Б. Грданоски)

Тој по натпреварот изрази толку големо задоволство и победата ја искачи на ниво повисоко од пласманот на европските или светските првенства. „За разлика од бугарските политичари, вие го браневте националното достоинство на Бугарија. И за мене веќе не е важно дали ќе се пласирате на европско или светско првенство“, рече Трифонов..

Бојко Боrисов не сакаше да заостане ни јота. Лидерот на ГЕРБ изјави дека „вака се брани достоинството на нашата нација“. „Како Бугарин и љубител на фудбалот, категорично го осудувам сквернавењето на бугарската химна на почетокот на натпреварот Бугарија – РСМ. За жал, со ваквите постапки нашите соседи од Република Северна Македонија не покажуваат дека разбираат европски вредности. Напред Бугари – јунаци“.

Ивајло Мирчев од Демократска Бугарија ги осуди свирежите, но ги префрли на полето на вообичаена ситуација на спортските терени, а и ги иронизираше изјавите на Трифонов и Борисов. Тој публиката ја нарече „северномакедонска“.

„Ајде, време беше повторно да се извика: Ма-ке-до-ни-јајајајајаја! Бојко и Слави го коментираа натпреварот и излегоа со тешки политички заклучоци за неблагодарните Македонци и нивното немање европски вредности. Да, грдо е од северномакедонската публика да ја исвиркува нашата химна, нема сомнеж. А бугарскиот тим одговори на предизвикот со добра игра. Но да се претвори реакцијата на северномакедонските агитатори и запалените луѓе во политичка генерализација е толку површно и непотребно, што нема каде да се оди“.

Тој потсетува дека на многу стадиони, меѓу кои и на бугарските, се случува да се исвиркуваат химни на други земји и побара да се направи разлика од навивачките групи на стадионите од официјалната политика на државата.

„Фундаментална грешка е политичарите со претензии да ставаат знак на еднаквост меѓу кампања на стадионот и официјалниот став на РСМ. Навивачите од стадионот не се репрезентативен примерок на општеството. Затоа што и на нашиот национален стадион не се исклучени случаите во кои се исвиркува химната на гостинскиот тим. Не сум слушнал политичари во Холандија (на пример) да извлечат слични заклучоци од тоа“.

Костадин Костадинов, лидер на националистичката Преродба, напиша објава во целосен националистички и иредентистички дух. „Источна Бугарија ја совлада Западна Бугарија со 1:0. Нашиот тим секогаш победува на овие натпревари“, истакна тој. Преродба сигурно го поминува прагот за влез во парламентот.

Фото: Б. Грданоски

Лидерката на бугарските социјалисти (БСП), Корнелија Нинова, не сакаше да остане настрана од инстантната фудбалско-политичка кампња. БСП, и особено Нинова, имаше многу цврст став околу преговорите на Македонија со ЕУ и уцените на партијата беа меѓу најострите. Сега, инцидентот на стадионот во Скопје ѝ даде шлагворт да каже дека нејзиното противење во парламентот на напредокот на Македонија било целосно исправно.

„Исвиркувањето на бугарската химна од Македонците и извикувањето ‘Бугари – Татари’ е неприфатливо. Она што се случи вчера на фудбалскиот натпревар меѓу Бугарија и Република Северна Македонија е безобразно и неприфатливо. Навредувањето на бугарската химна и извиците ‘Бугари – Татари’ покажуваат само едно – овие луѓе не созреале да бидат Европејци. Не жалам што како министер за економија и индустрија одбив да ја предводам бугарската делегација на билатерална средба во Скопје по средбата на претседателот Пендаровски со ОМО ‘Илинден’. Беше и правилно однесувањето на БСП да не ја поддржи одлуката на Народното собрание да даде зелено светло за нивен прием во ЕУ. Честитки за достојното однесување на нашите играчи и за победата“, напиша Нинова.

Овие реакции околу темата „Македонија“ се меѓу ретките во изборната кампања за гласањето што треба да се одржи на 2 октомври. Македонија и нејзиниот пат кон ЕУ, како и преговорите на историската комисија, беа само спорадично споменувани последниов месец. По одлуката од јуни таа тема исчезна од радарот и Бугарите целосно се свртеа на она што е најзначајно за нив. Фудбалскиот меч, и особено победата, беше само мал отклон за можно политичко поентирање. (Љ.П.)