Фудбалски празник на „Камп Ноу“: Барселона и Ливерпул во финале пред финале


Вечерва е празник на фудбалот. Финале пред финале, како што обично се кажува. Најубавиот подарок за сите фудбалски навивачи… Натпревар кој се очекува да изобилува со атрактивни потези, голови, дуели… Петкратните европски шампион Барселона и Ливерпул вечерва на „Камп Ноу“ ги вкрстуваат копјата во рамките на првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите.

Во Ливерпул најголемо внимание ќе посветат на Лионел Меси, а за тоа сведочат и зборовите на Јирген Клоп во пресрет на натпреварот.

„Знаеме се за Меси, но ако на него му посветиме внимание, тогаш би им оставиле простор на останатите играчи на Барса да не загрозат. Никогаш не сум играл на овој стадион. Реми не би бил лош резултат за нас, многу ќе ни значи ако победиме. И тоа е возможно, многу тимови гостувале на ’Камп Ноу’ и и направиле проблем на Барса, како Леванте пред некој ден, или Сосиедад пред тоа. Сигурно ќе се мачиме, многумина сметаат дека Барса не е тоа што беше. Јас немам некои илузии, но можеме да ја загрозиме“.

Барселона зад себе има импресивна сезона. Токму благодарение на Аргентинецот. Барселона се пласираше во полуфиналето за првпат по четири сезони кога ја освои петтата круна во ЛШ. Во осум од последните 11 сезони беа шампиони на Шпанија. Бркотницата со Реал и намалувањето на заостатокот (во бројот на шампионски титули) стои како вечна цел, но овие трите последни круни на Мадриѓаните, оние европските, повторно направија огромен јаз меѓу двата најголеми ривали. Но, јасно е, колку што Реал чезнее за домашната титула, толку Барса е очајна кога станува збор за европските трофеи.

За пласман во финалето Барса ќе мора да ја реши најголемата енигма – Ливерпул не губи на „Камп Ноу“. Две победи и две ремија остварил Ливерпул на четирите претходни гостувања во Каталонија. Додуша, на два дуели во низа на домашен терен доживеа пораз. За Барса дуелот со „Црвените“ ќе биде петти со англиски тим оваа сезона, бидејќи двапати успеваше да го победи Манчестер Јунајтед и освои четири бода против Тотенхем.

Најголемиот адут на Каталонците ќе биде Меси. Аргентинецот со голот против Леванте и официјално на Барселона и ја одбрани шампионската титула во Ла Лига. Ливерпул од друга страна е исцрпен во непрестаната борба со Манчестер Сити за првенствениот трофеј во Премиер лигата. Каталонците немаат загубено ниту еден меч во Лигата на шампионите оваа сезона, а на „Камп Ноу“ последен пат во 2013. година, додека Ливерпул прилично се мачи на гостувањата. На две од последните три посети на овој стадион екипата на Јирген Клоп не успеала да постигне ниту еден гол, додека на Барса тоа и успеваше на три од претходните четири дуели.

Од друга страна, Ливерпул има свој адут, а тоа е Вирџил ван Дајк, официјално најдобриот играч во Премиер лигата. Кога претходните два пати играше против Барселона во дресот на Селтик успеа да ги запре сите. Чудесна доминација. Со мечот во Глазгов успеа и да се продаде во Саутемптон. Навивачите на „Црвените“ ќе се надеваат дека тој ќе успее да го најде рецептот за Лео Меси, а во нападот своите надежи ќе ги положуваат во Садио Мане кој игра во фантастична форма.

Ернесто Валверде и Јирген Клоп ги избраа своите состави за вечерва:

Барселона (4-3-3): Тер Штеген – Роберто, Пике, Ленгле, Алба – Бускетс, Артур, Ракитиќ – Кутињо,Суарез, Меси.

Ливерпул (4-3-3): Алисон – Гомез, Матип, Ван Дајк, Робертсон – Милнер, Фабињо, Кеита – Вајналдум, Салах, Мане.