Фудбалска дипломатија: Марк Руте и Зоран Заев на мечот Холандија – Македонија
Премиерот Зоран Заев е на трибините на стадионот „Јохан Кројф“ во Амстердам за да го проследи мечот Холандија – Македонија, кој е последен на ова Европско првенство за нашите репрезентативци, а и последен за репрезентативниот дрес за капитенот Горан Пандев.
Заев на својот Твитер профил објави дека дошол во Амстердам да го следи натпреварот по покана на холандскиот премиер Марк Руте. „Моќна е спортската дипломатија. Премиерот Руте знае дека головите на ‘гостински’ терен се највредни, но без разлика на резултатот од мечот, од денес Македонија и Холандија се поблиски“, напиша Заев, додавајќи: „Напред момци! Играјте храбро, ние сме веќе горди на вас“.
Дали двајцата премиери ќе разговараат и за утрешниот состанок на европските министри и за Самитот на ЕУ в четврток околу кревањето на блокадата на Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, не е објавено, но е логично фудбалската дипломатија да ја одигра улогата на свој начин. Како и да е, ова е добра средба, па макар била и на трибините.