Фрустрација во Брисел: Табори во ЕУ се блокираат меѓусебно


Германската влада на крајот од своето шестмесечно претседателство со ЕУ доживеа уште еден неуспех, откако Чешка и Словачка вчера го блокираа усвојувањето на заклучоците за напредокот на Западен Балкан во процесот на проширувањето на ЕУ. Претходно Бугарија стави вето на усвојувањето на преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија, што истовремено го блокираше и исто така планираното отпочнување на пристапни преговори со Албанија.

Ситуација се смета за прилично проблематична, со оглед на тоа што земји како Русија, Кина и Турција се заинтересирани за привлекување на  балканските држави на своја страна.Оттаму разбирлива е фрустрацијата која вчера беше присутна кај дипломатите на ЕУ, пишува „Дојче Веле“.

„Трагично е за Западен Балкан што во политиката на проширување повеќе табори во ЕУ меѓусебно се блокираат”, се вели во Брисел. Тоа испраќа „катастрофален сигнал” кон Балканот и отвора шанса за други актери.

Посебно незадоволство се изразува што амбасадорите од Чешка и од Словачка во средата се согласиле со текстот на заклучоците, а вчера ја повлекле согласноста и ставиле вето.

Чешка и Словачка синоќа го образложија своето вето со лутината поради блокадата на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Освен тоа, тие конкретно критикуваат што на притисок од Бугарија во заклучоците е вметнат дел за спорот околу историјата со Северна Македонија.