Фрчкоски, наводно, не добил агреман да биде амбасадор во САД


Според некои дипломатски извори, Љубомир Фрчкоски, кој треба да биде новиот амбасадор на Македонија во Вашингтон, наводно, не добил агреман од домаќинот – САД. Порталот „Мкд“ тврди дека оваа информација му била потврдена од високи дипломатски извори.

„Независен“ не можеше да потврди дали оваа информација е вистинита или не. „Независен“ прв ја објави веста за именувањето на Фрчкоски за амбасадор, откако таа помина во Владата и било испратено барање во САД за согласност.

„Мкд“ нема информации зошто, наводно, не била дадена согласност, но затоа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милиошоски на Фејсбук објави дека можна причина била таа што Фрчкоски не би можел да добие НАТО сертификат. Тоа се само произволни тврдења, затоа што именувањето на амбасадор во одредена земја е билатерално прашање, а не работа за учество во институциите на НАТО.

Ова би бил прв случај македонски кандидат за амбасадор во САД да не добие согласност од домаќинот, што е навистина преседан.

Доколку навистина Фрчкоски не добил агреман мора да има некои други специфични причини поради кои САД би имале задршка, затоа што тој беше три пати министер – без ресор, за внатрешни и најпосле за надворешни работи. Фрчкоски е еден од авторите на македонскиот устав и како советник на поранешниот претседател Борис Трајковски учествуваше во разговорите во Охрид за Рамковниот договор и во креирањето на уставните измени, и беше во близок контакт со тогашниот претставник на САД за решавање на конфликтот во Македонија, Џемс Пердју. (Н.В.)