Фрчат ноти меѓу Бугарија и Македонија, сега против Костадинов од Преродба

МНР го менува пристапот и прави досие на навредливите изјави од бугарска страна


Лидерот на партијата Костадин Костадинов 

 

Фрчат ноти меѓу Македонија и Бугарија откако двете земји се договорија да го следат говорот на омраза и откако бугарските божемни културни клубови ја запалија поворно атмосферата меѓу Скопје и Софија. Последна таква реакција е на нашето Министерство за надворешни работи кое денес испрати реакција до Бугарија поради говорот на Костадин Костадинов  од новоформираната националистичка партија Преродба во Народното собрание.

„По повод изјавите на пратеникот и лидерот на политичката партија Преродба, Костадин  Костадинов, за време на конститутивната седница на Народното собрание на Република Бугарија, Министерството за надворешни работи, преку амбасадата на Република Бугарија во Скопје, упати вербална нота до Министерството за надворешни работи на Бугарија, во која изрази крајно незадоволство од содржина на изјавата во која јавно изразуваат иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија

Го повторуваме апелот дека ваквите изјави се директно спротивни на интенцијата на двете држави го почитуваа и да го негуваат духот на Договорот за пријателство и добрососедство, во насока на создавање блиски и пријателски односи базирани на меѓусебна почит и соработка. Токму во духот на добрососедството, очекуваме релевантните политички и институционални фактори во Република Бугарија да се оградат и да ги осудат ваквите провокации и обиди за нарушување на добрососедските односи“, стои во реакцијата на МНР. 

Со оглед на тоа дека Македонија досега главно затвораше очи на ваквите изјави од Бугарија бидејќи немаше интерес да го разгорува спорот, а Софија го користеше тоа да тврди дека само од наша страна има говор на омраза, очигледно проценката е дека дојде време да се одговара на ваквите провокации и да се прави досие на сите навредливи изјави од бугарска страна на некои идно отворање на ова прашање во Брисел или едноставно само за да се смири јавноста дека новиот механизам за осуди не се однесува само на граѓаните во Македонија.