Французите не се убедени во искреноста на Емануел Макрон за заштитата на природната и животна средина

 Експертите за еколошки прашања не се убедени од говорот на претседателот Емануел Макрон за еколошката и енергетска транзиција на Франција, за што тој најави деблокирање на 15 милијарди евра. Според испитувањето на јавното мислење на институтот Југов за Хафингтон Пост, Французите, исто така, не се убедени во неговата искреност за екологијата, јави дописникот на МИА.

На прашањето дали ангажирањето на претседателот Макрон во почнувањето на енергетската транзиција е искрено, 58 отсто од испитаните одговориле негативно. Единствено кај симпатизерите на Републиката во марш само 18 отсто сметаат дека тој не е искрен.

Само три отсто од испитаниците сметаат дека Макрон е искрен во неговите еколошки амбиции, додека 26 отсто дека е малку искрен.

Според анализата, иако говорот на Макрон беше поздравен од еколозите блиски до власта, францускиот претседател сега треба тоа да го докажи на дело. Зелениот бран на општинските избори во големите француски градови без сомневање ќе го натера да оди побрзо, сметат аналитичарите. Имено, дури 66 отсто од Французите во истото испитување се на мислење дека претседателот Макрон не направил доволно за климата во првите години од неговиот мандат, спротивното го мислат 22 отсто.