Француско-германски апел за отворање на границите меѓу државите во ЕУ

Претседателите на францускиот и на германскиот парламент, Ришар Феран и Волфганг Шојбле, апелираа што поскоро да се отворат границите на европските земји, по неколкунеделната блокада поради пандемијата.

„Франција и Германија мора да работат на итно обновување на слободното движење во Шенген зоната, кога ќе се исполнат условите за тоа“, велат Феран и Шојбле во заедничката изјава доставена до француски медиуми.

Во соопштението се наведува дека затворањето на француско-германската граница веќе има последици, особено во однос на перцепцијата на француско-германските односи.

Текстот беше објавен два дена пред состанокот на Француско-германското парламентарно собрание, посветено на лекциите што треба да се научат во Европа од пандемијата на коронавирусот.