Француските власти водат 400 истраги за лажни сертификати за коронавирус


Франција почна 400 истраги за мрежи што обезбедуваат лажни сертификати за коронавирус, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дармамен, во време кога се зголемува хоспитализацијата на пациенти со Ковид-19 во државата.

Во изминатите денови вниманието на француските медиуми го привлече случајот со жена заболена од вирусот, која почина во регионалната болница во Париз, откако презентираше лажен сертификат за вакцинација.

Шефот на одделението за интензивна нега во болницата рече дека доколку се знаело дека жената не е вакцинирана, веднаш ќе и дале третман со антитела.

– Властите идентификуваа неколку илјади фалсификувани сертификати што се користат низ цела Франција, изјави министерот Дармамен за ЕРТел.

Тој рече дека имало околу 400 истраги за трговија со лажни сертификати, меѓу кои и некои кои вклучуваат здравствени работници.

Француската влада ги заострува правилата за здравствените пасоши. Тие се задолжителни за посета на сите ресторани, како и за се поголем број настани и локации. За да добие здравствено уверение, лицето мора да докаже дека е целосно вакцинирано, да има тест негативен во последните 24 часа или неодамна да прележал Ковид-19.

Владата ги затвори ноќните клубови и ги заостри мерките за социјално растојание, но се обидува да избегне уште едно заклучување.

Министерот за здравство Оливие Веран изјави за весникот „Паризиен“ дека 90 отсто од луѓето на возраст над 65 години веќе примиле дополнителна (трета) доза од вакцината.