Француските власти имаат налог за апсење и на братот на Павел Дуров
Француските власти издадоа налози за апсење на извршниот директор на Телеграм, Павел Дуров и неговиот соосновач брат Николај во март, според францускиот административен документ што го виде „Политико“.
Документот покажува дека француската тајна истрага за Телеграм е поширока и започнала неколку месеци порано од претходно познатото. Случајот се врти околу одбивањето на Телеграм да соработува со истрагата на француската полиција за сексуална злоупотреба на деца.
Павел Дуров беше уапсен во саботата вечерта од француската полиција на парискиот аеродром Бурже, откако граничните власти ги предупредија правосудните органи дека пристигнува со својот приватен авион од Азербејџан.
Неговото апсење започна дипломатска бура за француската влада, како и глобално негодување поради слободата на говорот и вината на платформите на социјалните медиуми за материјалот што го споделуваат нивните корисници.
Налозите за апсење беа издадени откако платформата за пораки не даде „никаков одговор“ на претходното судско барање за идентификување на корисник на Телеграм.
Во документот, исто така, се нагласува „речиси непостоечката соработка на Телеграм“ и со француските и со европските власти во други случаи.
Налозите за Павел и неговиот брат Николај, коосновачот на платформата, беа издадени на 25 март поради обвиненија кои вклучуваат „соучесништво во поседување, дистрибуирање, нудење или ставање достапни порнографски слики на малолетници, во организирана група“. Француските медиуми претходно објавија дека истрагата била отворена во јули.
Налозите беа издадени по тајна истрага за Телеграм, предводена од огранокот за сајбер криминал на париското обвинителство, при што осомничениот разговараше за намамување малолетни девојчиња да испраќаат „самопроизведена детска порнографија“, а потоа се закануваше дека ќе ја објави на социјалните мрежи.
Нема сугестија дека ниту еден од браќата Дуров бил директно вклучен во некоја од незаконските активности идентификувани од истрагата.
Цената на тонкоин, криптовалута развиена од браќата Дуров, нагло падна по објавувањето на веста за апсењето и се тргува за околу 20 отсто пониска отколку што беше во саботата.