Францускиот предлог стигна во бугарското собрание, никој не знае што има во него


 

Како што беше најавено од премиерот Кирил Петков, францускиот предлог како да се најде решение за кревање на ветото на Софија, стигна во комисијата за надворешни работи на бугарското собрание. Ова за државното радио го потврдиле два независни извори од парламентот.

Француската амбасадорка Флоренс Рубин вчера се сретна со членовите на Групата за пријателство со Франција во собранието во времето кога траеше бурната дебата за смена на неговиот спикер. На оваа средба се разговараше за документот. Се разговарало и дали владата го има потребното мнозинство за да го прифати.

Подоцна, копретседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, на маргините на парламентот објасни дека ќе биде успех за Бугарија доколку Скопје се согласи да ги прифати бугарските услови и ЕУ стане гарант за нивното спроведување.

Засега никој не открива што стои во францускиот предлог. Претставниците на македонските власти, од претседателот Пендаровски до министерот Османи, изјавија дека не се запознати со тој документ оти тој ќе се подели меѓу земјите-членки на ЕУ.

Во средата, бугарската влада донесе одлука сите предлози за решавање на спорот, да бидат одобрени од Националното собрание.

Пред една недела оваа тема стана една од причините за напуштање на владејачката коалиција на Има таков народ, а лидерот на партијата Слави Трифонов постапките на премиерот Кирил Петков ги оцени како национално предавство.