Францускиот предлог е многу добар за Бугарија, вели Христо Иванов од Демократска Бугарија


Христо Иванов

 

Францускиот предлог за кревање на ветото е исклучително добар за Бугарија, а Слави Трифонов се обидува да ја искористи темата за да обезбеди алиби за некои негови внатрешно-политички дејствија, вели Христо Иванов, лидерот на владејачката партија во Софија, Демократска Бугарија.

„Ова е во најмала рака неодговорен начин. Конечно го добивме резултатот од напорите за посредување на Франција. Го прочитав предлогот многу внимателно. Разговарав и со многу авторитетни дипломати од различни политички сили. Општо мислење е дека ова е многу добра работа.Сакам сите да ме слушнат – ова е исклучително добар предлог за Бугарија, кој сме подготвени да го фрлиме во ѓубре бидејќи во моментов сме во домашен скандал“, изјави Иванов за Нова ТВ.

Иванов посочи дека според предлогот, Скопје веќе треба да се заложи пред ЕУ да го промени својот устав и да ги регистрира Бугарите како еден од народите кои градат држава. „Ако Македонија не го направи ова – нема да има преговори за ЕУ, нема да го укинеме ветото“, рече Иванов.

„Франција е посветена да ни помогне и кога велам дека предлогот е добар за Бугарија, го кажувам затоа што и самата министерка за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска го потврди на расправата во Народното собрание“, рече Христо Иванов.

Според Иванов, ДБ ќе го поддржи францускиот предлог за Северна Македонија доколку влезе на расправа во пленарната сала на Собранието.

Лидерот на ДБ се изјасни и за гласањето недоверба за кое во среда ќе се гласа во Народното собрание.

Според него, дури и да опстане кабинетот благодарение на тоа што на врвот има еден или двајца пратеници повеќе од нивните противници, тоа сепак нема да биде мнозинство што може да обезбеди стабилно владеење на Бугарија.

„Во секој случај мора да седнеме и да бараме нова формула за поддршка на Владата“, вели тој.