Францускиот парламент e првиот што гласаше за мерките против облека од кинески масовни производители


Францускиот парламент поддржа низа мерки кои ќе ја направат евтината мода, особено од кинески масовни производители, помалку привлечна за клиентите.

„Со ова гласање Франција станува првата земја во светот „која донесе закони за ограничување на ултра брзата мода“, рече Кристоф Бечу, министер за еколошка транзиција. Клучните мерки вклучуваат забрана за рекламирање на најевтиниот текстил и еколошка такса за евтини артикли.

Францускиот пазар за облека е преплавен со евтина увозна облека, додека неколку домашни брендови прогласија банкрот. Но, главните аргументи изнесени од Хоризонти, партија сојузничка на претседателот Емануел Макрон, која го поднесе предлог-законот, се еколошки. „Текстилната индустрија е најголемиот загадувач“, рече потпретседателката на Хоризонти , Ен-Сесил Виоланд, велејќи дека секторот е одговорен за 10 отсто од емисиите на стакленички гасови и е главен загадувач на водите.

Како пример за интензивна модна продукција, таа ја издвои кинеската компанија „Шеин“ и нејзините „7.200 нови облеки дневно“. Франција ќе примени критериуми како што се количината на произведена облека и брзината на промена на новите колекции при одредувањето што претставува брза мода, според усвоениот закон.

Ограничување на брзото модно рекламирање
Откако законот ќе стапи во сила, за кој сѐ уште е потребно гласање во Сенатот, прецизните критериуми ќе бидат објавени со декрет. Производителите на брза мода ќе бидат принудени да ги информираат потрошувачите за влијанието на нивното производство врз животната средина.

Дополнителен надоместок поврзан со еколошкиот отпечаток на брзата мода од пет евра по артикал се планира од следната година, кој до 2030 година ќе се зголеми на 10 евра. Виоланд рече дека приходите од надоместокот ќе се користат за субвенционирање на одржливи производители на облека, што ќе им овозможи полесно да се натпреваруваат на пазарот.

Беше одобрена и мерка за ограничување на брзото модно рекламирање, иако конзервативниот пратеник Антоан Верморел-Маркес истакна дека „забраната за текстилно рекламирање, особено модата, значи крај на модата“. Не беше прифатена иницијативата на претставниците на левицата и на Зелените во новиот закон да се вклучат минимални казни за производителите кои ги прекршуваат правилата, како и увозни квоти и построги критериуми за работните места во индустријата.

Модата од високата класа е камен-темелник на француската економија благодарение на водечките светски луксузни брендови како „Луј Витон“, „Шанел“, „Хермес“, „Диор“ и „Картие“. Но, другите делови од францускиот моден сектор загубија во трката од европските ривали „Зара“, H&M и од неодамна кинеските гиганти „Шеин“ и „Тему“.