Францускиот министер за внатрешни работи побара затворање на џамијата во Пантен


Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен побара затворање на џамијата во градот Пантен (предградие на Париз), од каде на Фејсбук беше објавено видео во кое се критикува наставникот кој беше убиен во петокот.

– Го замолив префектот (на департменот) Сен Дени да ја затвори џамијата во Пантен, изјави министерот за ТФ1.

Според него, префектот веднаш ќе ја потпише соодветната наредба. Претходно џамијата во овој град на својата страница на Фејсбук објави видео со татко на ученичка каде што работел убиениот. Во него, човекот ги критикува постапките на наставникот.

Во саботата, самиот исламски проповедник во џамијата беше приведен. Во текот на истрагата досега се приведени вкупно 15 лица.

Француската полиција почна серија рации насочени кон исламистичките мрежи откако беше обезглавен наставникот по историја Самиел Пати, кој на своите ученици им покажал карикатура на пророкот Мухамед.

Министерот за внатрешни работи вети дека нема да има „минута одмор за непријателите на Република“, откако десетици илјади луѓе присуствуваа на митинзите низ целата земја во неделата во чест на наставникот по историја Самиел Пати и ја бранеа слободата на изразување.

Според судски извори има 15 лица во притвор, вклучително и четворица ученици кои можеби му помогнале на убиецот да го идентификува учителот и добиле пари за тоа.

Меѓу уапсените има и четворица членови на семејството на убиецот, како и еден познат исламистички радикал и татко на еден од учениците на Пати, кој почнал онлајн кампања против наставникот.

Дарманен обвини двајца мажи дека издале „фатва“ против Пати.