Францускиот институт во Скопје во модно руво- пристигна изложбата „Моливерзум“


Модните дизајни на студентите од Технолошко-металуршки факултет – Институт за дизајн и инженеринг на облека во Скопје, инспирирани од комедиите во стихови на Молиер кои се класика во светската литература пристигнаа во Францускиот институт во Скопје – и како презентација и како декор во излогот.

Амбициозниот проект од три фази, наречен  „МОЛИВЕРЗУМ/MOLIVERS“, со користење на модерната технологија, прво беше претставен во  октомври пред домашната јавност и дипломатскиот кор на изложба во НУБ „Св. Климент Охридски“, под менторство на професорките Лидија Георгиева, Ирина Бабамова и Снежана Петрова.

Секој уникатен модел на студентите кои ја величат естетиката или француската историја, беше придружуван со пасус од творештвото на Молиер по избор на студенти  од Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ во Скопје, во соработка со Францускиот институт во Скопје.

Втората фаза вклучуваше наградно патување на студентите и нивна изложба/инсталација во Париз.

Изложбата која упатува силна порака за времето во кое живееме и дилемите пред кои се наоѓаат новите технологии, воедно толкувајќи го делото на славниот француски писател Молиер од денешна перспектива, пак се врати во Скопје, на задоволство на домашната публика која ретко има можност, читајќи ги Тартиф, Мизантроп или Дон Жуан,  да замисли,  како денес би изгледале ликовите од големиот француски писател Молиер, во чија чест лани се одбележаа јубилејни 400 години од неговото раѓање.