Франција воведува „невидени“ ограничувања за вода по најсувата зима во последните 64 години


Франција се подготвува од март да воведе ограничувања за потрошувачката на вода во делови од државата, што е потег без преседан за овој период од годината по најсувата зима во последните 64 години, изјави министерот за животна средина Кристоф Бешу.

Франција забележа 32 дена без дожд, објави метеоролошката служба Метео-Франс. Рестрикции има во 87 општини во јужниот дел на државата, што најчесто се случува во лето, а не во зима.

„На состаноците со официјални лица в петок и понеделник ќе се разгледа можноста за продолжување на тој период“, рече Бешу.

„Ова е без преседан“ во овој период од годината, изјави министерот за телевизискиот канал Франсинфо, додавајќи дека Франција е во состојба на тревога.

Водните резерви во Франција се ниски во споредба со минатата година, втори најниски во последните десет години, а количината на снег на Алпите е исто така мала во споредба со 2022 година, која беше особено сушна година.

„Генерално, очекуваме ниско производство на хидроелектрична енергија и пониски нивоа на реките за пролет и лето“, рече експертот Жан Пол Арман.

Метео-Франс објави дека врнежите од дожд во следните три месеци ќе бидат клучни за враќање на подземните води и реките на нивните вообичаени нивоа пред летото. Од август 2021 година, сите месеци, освен три, има недостиг од дожд.