Франција стои зад Македонија на патот кон ЕУ, вели новиот амбасадор Сирил Бомгартнер


Новиот француски амбасадор Сирил Бомгартнер ги предава акредитивите

Новиот француски амбасадор во земјава го увери претседателот Стево Пендаровски дека Париз ја поддржува европската перспектива на Македонија, која „стана уште појасна благодарение на донесените храбри политички одлуки“. Предавајќи му ги акредитивните писма на шефот на државата, Сирил Бомгартнер изјави дека пријателството меѓу двете земји е дамнешно и дека тоа е докажано со работата на неговите осум претходници на оваа функција.

„Мојата мисија почнува во нов суштински момент, тоа е патот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската унија. Франција ја поддржува оваа перспектива, која стана уште појасна благодарение на донесените храбри политички одлуки.

Целта за влез во Европската Унија претставува стратешки приоритет. Самото членство, во дадениот момент, ќе значи заокружување на еден процес кој е отпочнат уште од независноста, кој минал низ многу етапи, како што е членството во меѓународната организација на Франкофонијата, а потоа и во НАТО“, рече Бомгартнер.

Според него, со обновената рамка за преговори ќе бидат неопходни реформи за кои ќе треба поддршка од сите сили во општеството. „Франција ќе биде внимателен и добронамерен партнер, искрен и пријателски. На конкретен план, ќе се обиде да помогне со европски и билатерални средства“, рече тој.

Според него, проширувањето на ЕУ значи и „обединување на европското семејство, меѓу членови кои споделуваат исти вредности… Новата стратегија за земјите од Западен Балкан, посакувана и донесена од страна на Претседателот на Франција е потврда за желбата која постои за зближување во една поширока рамка. Станува збор за историска определба, но и за сосема легитимни национални интереси“.

Стево Пендаровски при тоа изјави: „Нашите земји и народи отсекогаш биле блиски, споделувајќи ја вредноста на националното мото и движечката сила на Француската револуција: слобода, еднаквост, братство. Водени од мислата дека сите луѓе треба да имаат еднакви права и горди на својата историја, идентитет и почитување на културните и јазични разновидности, обете, во сиот изминат период, покажаа дека можат да се потпрат една на друга“.

Според шефот на државата, „Француската Република како традиционален пријател безрезервно ги поддржуваше и ги поддржува нашите идеи за интеграција на земјите од балканскиот регион во европското семејство, а во тие рамки и на Република Северна Македонија. Поткрепата и експертизата која ја добиваме од вашата влада за евроинтегративниот процес, за нас, е од голема и непроценлива важност. Северна Македонија покажа дека има капацитети да носи тешки одлуки со кои државата оди напред. По подавањето рака на помирување со нашите соседи, следејќи го француско-германскиот модел, посветени сме на јакнење на владеењето на правото, правната држава и на борбата против криминалот и корупцијата.

Веруваме дека Франција како еден од столбовите на Европската унија, со својата поддршка ќе придонесе Северна Македонија, во овој за нас клучен период, успешно да заокружи уште една фаза во европската интеграција и формално да ги започне пристапните преговори“, нагласи Пендаровски.