Франција ставила уште една кочница за проширувањето на ЕУ?


Брдо кај Крања ги чека денеска европските и балканските гости

Компромис во декларацијата на самитот ЕУ-Западен Балкан е постигнат, но Париз смета дека проширување не може да има додека самата Унија не се реформира

 

Горчлива борба и компромис на земјите од ЕУ  во врска со надежите за членство во ЕУ на шесте земји од Западен Балкан, јави германската агенција ДПА од Крањ, пред самитот што треба да започне денеска попладне.

Според информациите на германската агенција на самитот ќе биде забележано дека Европската унија продолжува да се ангажира во започнатиот процес на проширување. Во исто време, сепак, се нагласува дека способноста за интегрирање на нови членки во ЕУ бара и понатамошен развој на самата Унија.

Со ова, според дипломатите, владата во Париз сака особено да ја држи отворена можноста за блокирање на приемот на нови членки, доколку од гледна точка на Франција, ЕУ се покаже како неспособна да се реформира во наредните години. Кандидатите за членство, Албанија, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, сѐ уште немаат никаква сигурност за нивните шанси за влез во ЕУ.

За текот на претстојниот самит за Западен Балкан се расправаше зад затворени врати со денови до понеделникот, пишува ДПА. Словенија, домаќин на самитот, неодамна повика не само на посветеност на процесот на проширување, туку и ветување дека ќе ги прими државите од Западен Балкан до 2030 година. Меѓутоа, други држави како Франција и Холандија жестоко се спротивставија. Тие тврдат дека повеќето земји од Западен Балкан најверојатно нема да можат да ги спроведат потребните реформи толку брзо дотогаш.

Покрај тоа, Париз особено смета дека Европската унија во моментов не може да се прошири поради нерешените прашања во сопствените редови. На пример, се стравува дека проширувањето на уште шест земји ќе ги направи процесите на донесување одлуки, кои често се многу долги, дури и потешки.

Земјите како Германија, од друга страна, тврдат дека постојат значителни ризици во уривањето на надежите на кандидатите. Тие посочуваат дека на балканските држави им се додворуваат и земји како Русија, Кина и Турција. Затоа, разочараните надежи во развојот на односите со ЕУ може да доведат до занемарување на реформите што ги бараат државите од ЕУ за повеќе демократија и владеење на правото.

Агенцијата наведува дека особено е чувствително што почетокот на преговорите за членство во ЕУ со Албанија и Северна Македонија е блокиран од Бугарија од внатрешно-политички причини околу една година – иако беше донесена јасна одлука на ЕУ за почеток на преговори во март 2020 година.

Самитот мора „да испрати јасна порака дека членството е остварлива цел за Западен Балкан“, коментираше германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, по состанокот со неговиот колега од Македонија, Бујар Османи, во понеделникот. Во рамките на германскиот Бундестаг, се појави широк консензус за поддршка за изгледите за зачленување на Западен Балкан во ЕУ.

Министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, изјави пред самитот дали Европејците посветиле толку строго внимание на исполнувањето на критериумите за членство кога се приклучуваа земјите како Шпанија, Португалија и Грција, но и за време на експанзијата на Исток пред 15 години, како што тоа го прават сега со западнобалканските земји. Ако се бара она што што сега се бара од државите од Западен Балкан, некои од овие земји можеби нема да бидат дел од ЕУ денес. „Влезот во ЕУ беше и сѐ уште е политичка цел да се поддржат младите демократии и цврсто да се зацврсти нашиот европски модел на живот“, рече Шаленберг.

Љубљанско „Дело“ пишува дека без оглед што Словенија сака да го заживее процесот на проширување нејзините домашни политички проблеми стануваат една од позначајните пречки.

„Сите напори да се внесе нов живот во процесот на проширување на ЕУ се добредојдени, но се плашам дека Словенија се обидува да го оживее мртвото тело“, вели Ноа Бујон, истражувач од невладината организација Фридом хаус, за амбициите на словенечкото претседателство. Според него, некои членки на Унијата во моментов не гледаат европска иднина за земјите од Западен Балкан. „Ова е исто така сериозен проблем, бидејќи до одреден степен демократската благосостојба на овие земји е поврзана со изводливоста на процесот на проширување. Овој проблем не може да се реши во Брдо. Ова мора да се реши во Брисел“.

Во исто време, ограничениот простор на Претседателството на Советот на ЕУ за изнаоѓање решенија и враќање на довербата во самиот процес беше ограничен со аферата за менување на границите на Балканот произлезена од мистериозниот нон-пејпер. „Не мислам дека словенечката влада е идеален знаменосец за проширување на ЕУ, што не значи дека нејзините напори не се легитимни“, вели Бујон за „Дело“. Земјите што се залагаат за проширување, рече тој, имаат подобри аргументи, но проблемот е што во тој табор има влади како Унгарија. (Н.В.)