Франција со измени на легислативата за имиграцијата ќе се обиде да го ублажи недостигот од работна сила


Француската Влада има намера да воведе измени во прописите за издавање дозволи за престој на странци, за да го компензира недостигот од квалификувани професионалци и да им овозможи на одредени баратели на азил побрзо да добијат работна дозвола.

Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, и министерот за труд, Оливие Дисо, потврдија во интервју за „Фигаро“ дека нацрт-законот ќе биде испратен до Парламентот на почетокот на 2023 година. Легислативата има за цел да се балансираат потребите на пазарот на трудот и загриженоста на француските граѓани за зачувување на националниот идентитет, интеграција на странци и безбедност .

Дисо посочи дека предлог-законот го одразува „прагматизмот и реализмот“ на француската Влада и потсети дека најавените реформи доаѓаат во исто време кога другите европски земји ги релаксираат регулативите за имиграција, со цел да се надмине притисокот врз пазарот на труд.

И германскиот канцелар, Олаф Шолц, изјави претходно овој месец дека најголемата европска економија треба да привлече повеќе странски работници за да се избегне недостиг на работна сила и кризи во пензискиот систем во наредните години.

Шпанија веќе ги промени регулативите за имиграција и дозволи издавање работни дозволи за професионалци во ранливите стопански сектори.