Франција преку Агенцијата за развој влегува во Македонија
Премиерот Зоран Заев денеска прими делегација на Француската агенција за развој предводена од регионалниот директор за Западен Балкан Доминик Отберг, придружуван од амбасадорот на Франција во нашата земја Сирил Бомгартнер.
На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, премиерот Заев изрази задоволство од неодамна потпишаниот договор за соработка со Француската агенција за развој, и истакна дека овој договор е од значење како дополнителна поддршка во достигнувањето на европските стандарди во нашата земја и истовремено претставува силен сигнал за зајакнување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Франција.
Регионалниот директор Отберг од своја страна нагласи дека Франција и Агенцијата имаат нагласен интерес да учествуваат во повеќе проекти во Северна Македонија, со посебна нагласка на енергетиката, јавното здравство, образованието, урбаниот развој, земјоделството, животната средина и транспортната инфраструктура.
Француската агенција за развој има годишен буџет од 14 милијарди евра и работи на 4.000 проекти во 115 земји во светот.