Франција отвора истрага за алгоритмот на Маск на „Х“
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/01/Emanuel-Makron-i-Ilon-Mask1.jpg)
Француските истражители отворија истрага против платформата за социјални медиуми Х поради наводите дека компанијата во сопственост на милијардерот Илон Маск манипулирала со нејзиниот алгоритам, соопшти париското јавно обвинителство.
Истрагата уследила по „извештајот на член на парламентот од 12 јануари кој ги осудува пристрасните алгоритми во работењето на Х како нешто што ја искривува работата на автоматизираниот систем за обработка на податоци“, потврдувајќи ги претходните извештаи на француските медиуми.Членот на парламентот кој стои зад жалбата е центристичкиот пратеник Ерик Боторел.
Во своето писмо, Боторел нагласува дека „личната вклученост на Елон Маск во управувањето со платформата, но и во неколку избори кои се однесуваат на европските земји, претставува реална опасност и закана за нашите демократии“.
Истрагата, исто така, се заснова на посебна жалба, првично објавена од францускиот неделник Le Canard enchaîne, според која X „сега нуди огромна количина на омраза, расистичка, анти-ЛГБТ+ и хомофобична политичка содржина, која има за цел да ја искриви демократската дебата во Франција“.
Истрагата доаѓа неколку дена пред Самитот на вештачката интелигенција во Париз, на кој Маск е поканет и на кој планира да присуствува и потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.
Веста дојде еден ден откако X, порано познат како Твитер, доживеа правен пораз во Германија, каде што судот во четвртокот пресуди дека платформата мора веднаш да им обезбеди на истражувачите пристап до податоци за политички поврзани содржини пред изборите во земјата на 23 февруари.
Одлуката на германскиот суд покренува нови прашања за усогласеноста на X со европските регулативи пред федералните избори во Германија и претставува еден од првите големи судски тестови на Законот за дигитални услуги на ЕУ (DSA).