Мбапе со два гола ја однесе Франција во нокаут фазата на СП2022


Во натпреварот од 2.коло од групата Д на Светското фудбалско првенство, Франција  ја совлада Данска со 2:1 (0:0).

Двата гола за Франција ги постигна Килијан Мбапе (61, 86), додека стрелец за Данска беше Андреас Кристијансен (68).

Со оваа победа Франција стана првата репрезентација која обезбеди пласман во осминафиналето.

Иако данскиот селектор Каспер Хјулманд направи четири измени во стартниот состав во однос на составот кој одигра безличен натпревар против Тунис во 1. коло, играта на Данска против Франција беше многу слаба во првите 45 минути. Во текот на целото прво полувреме Данците не одиграа ниту една смислена акција, а расположениот голман Шмајхел и непрецизните француски напаѓачи ги држеа во рамнотежа.

Франција беше особено опасна за данскиот гол во периодот од 20. до 40. минута. Во 21. минута Дембеле упати добар центаршут од десната страна, Рабиот имаше убав удар со глава, но Шмајхел се истакна со одлична парада. Во 30. минута Мбапе ја измеша данската одбрана по левото крило, му ја додаде топката на Кунде, но Хојбјерг успеа да го одврати ударот на францускиот лев дефанзивец на еден метар од сопствениот гол.

Три минути подоцна се закани Гризман, кој им побегна на неговите чувари, но отиде предалеку, па Шмајхел со нога успеа да го спаси неговиот обид. Најдобрата шанса за гол ја имаше Мбапе во 40. минута, повторно Дембеле го проби десното крило и упати идеална топка на 12 метри за својот напаѓач, но ударот на Мбапе заврши на трибините зад голот.

На полувремето Хјулманд го замени својот централен напаѓач, наместо Корнелиус, на теренот влезе Брејтвејт, Данска заигра поофанзивно, а како резултат на тоа беа изведени два удари од корнер во првите 10 минути. Сепак, и по тие прекини, Данците не му се заканија на Лорис.

Третата шанса на мечот Мбапе ја претвори во водечки гол, во 61. минута откако тој и Тео Ернандез разменија неколку додавања по левата страна, Ернандез ја избегна замката од задното поле, а потоа со повратна топка го пронајде Мбапе, кој шутираше покрај статичните дански дефанзивци од околу 10 метри, а во таа ситуација ниту Шмајхел не можеше да го спаси својот тим. 
И за Данска среќна беше третата шанса, но по корнер. По центаршутот од корнер, прв до топката беше Андерсен, кој многу лошо ја зафати топката, но таа се одби од земја пред вториот стопер Кристијансен, кој реагираше многу подобро и со силен удар од непосредна близина го совлада Лорис.
Данска можеше целосно да ја сврти топката во 73. минута, Дамсгард слезе по левата страна и со одлична повратна топка го стави на работа Линдстром, но потоа и Лорис покажа за каков одличен голман се работи.

Отворената игра на двете страни на крајот сепак донесе гол и тоа во данската мрежа. Во 86. минута Коман ја прифати топката на десното крило, ја остави за центаршут на Гризман, кој го најде Мбапе на втората статива, а првото име на бранителот на титулата му избега на Кристенсен и ја заби топката во мрежата на еден метар.

Претходно во саботата, во оваа група, Данска го совлада Тунис со 1:0 (1:0), па пред последното коло Франција е на врвот во групата со шест бода, Австралија е втора со три, додека Данска и Тунис остануваат со по еден тбод.

Во среда во 3.коло ќе играат Тунис – Франција и Австралија – Данска.