Франција не врши притисок врз Бугарија околу Македонија, изјави амбасадорката во Софија
Франција нема намера да врши притисок врз Бугарија да го крене ветото за Македонија. Нејзината улога е да го олесни дијалогот, изјави денеска француската амбасадорка во Софија, Флоренс Робин за телевизијата ТВ1. „Не вршиме притисок. Нашата улога е да го олесниме дијалогот. Да се олеснат дискусиите, да се предложат решенија кои, по можност, ќе ги задоволат двете страни“, рече Робин.
Француската амбасадорка јасно изјави дека за Париз Македонија и Албанија се дел од европското семејство и официјално треба да станат дел од него. Но додаде дека кога се во прашање односите Бугарија – Македонија, прашањето е чувствително.
Не само на Балканот туку и во пошрокиот простор на ЕУ има многу очекувања дека на крајот на француското претседателство може да се случи кревање на бугарското вето, иако сега тоа изгледа многу малку веројатно. Бугарската владејачка коалиција е под зголемени тензии околу ова прашање, а партијата Има таков народ ја обвинува формацијата на премиерот, Продолжуваме со промената, дека тајно работела со француски дипломати за кревање на ветото.