Франција најпогодена европска земја со 1,6 милиони случаи на Ковид-19, рекордни над 58. 000 случаи за 24 часа


Франција– Новите ограничувачки мерки за вториот бран од епидемијата на кононавирусот во Франција, се чини, се уште не вродија плод, бидејќи за само 24 часа се забележани рекордни 58.046 нови позитивни тестови на Ковид-19, јави дописникот на МИА.

-Франција е земја во Европа со најголем број случаи, 1,6 милиони, изјави  Жером Саломон, генералниот директор за здравство.

Вториот бран се однесува на целата територија, бидејќи се погодени сите региони, особено регионите кои беа малку погодени од првиот бран, продолжи тој, посочувајќи дека 58.046 лица вчера добиле резултати на позитивен тест на Ковид-19.

Ефективна стапка на репродукција на вирусот е 1,14, додека треба да биде под еден за епидемијата да се стави под конторла.

-Ние мора да го намалиме бројот на заразени, бројот на лицата кои пристигнуваат во болниците, да се помине Р под еден, изјави Саломон.

За само 24 часа, Франција забележа 3.000 нови хоспитализации поврзани со Ковид-19, вклучувајќи 447 на интензивна нега. Стапката на позитивност е 20,76 отсто.

Министерот за здравство Оливие Веран потоа посочи дека од 100 позитивни лица 90 нема да развијат симптоми или ќе имаат лесна форма со вознемирувачки симптоми, но таквите не бараат хоспитализација.

-Осум отсто развиваат потешки симптоматски форми со неопходно болничко лекување. Сепак, тие нема да бидат на одделот за интензивна нега , додека само два отсто ќе развијат особено сериозна форма на Ковид- 19, која бара многу специфична нега во одделите за критична интензивна нега, објасни министерот за здравство.