Франција најави создавање команда на вселенски сили

Францускиот претседател Емануел Макрон во предвечерието на националниот празник на Франција – 14 Јули, обраќајќи ѝ се на армијата во Министерството за одбрана, најави создавање команда на национални воени вселенски сили, која ќе биде дел од воздухопловните сили на Франција, јави дописникот на МИА.

– За да се гарантира развојот и зајакнувањето на нашиот капацитет во вселената, во септември ќе биде создадена Врховна команда за вселената, рече Макрон пред војниците и офицерите во Министертвото за одбрана во хотелот Де Бриен.

Макрон зборуваше за „новите зони на конфронтации“, како што се вселената и кибер-просторот, а според него тоа се „вистински проблем за националната безбедност“.

– Новата вселенска и воена доктрина, која ми беше предложена од Министерството за одбрана, ќе ни овозможи да ја гарантираме нашата заштита во вселената. Ќе ги засилиме знаењата за ситуацијата во вселената, ќе ги заштитиме подобро нашите сателити, додаде тој.

Франција има план за воени трошоци за 2019-2025 година, издвојувајќи 3,6 милијарди евра за одбраната во вселената. Ова вклучува обновување на комуникациските сателити за набљудување, пуштање во орбитата три сателити за електромагнетно набљудување на ЦЕРЕС и модернизација на системот за просторен радар за следење, наречен ГРАВЕС.

Еден ден претходно францускиот претседател ја претстави новата класа на нуклеарни подморници, со кои Франција може да им парира на САД и Русија.