Франција му ја тресна вратата в лице на Западен Балкан, а не понуди ништо
Аналитичарите на берлинскиот Совет за политика на демократизација во својата анализа на францускиот предлог за реформа на проширувањето се осврнаа на Западен Балкан.
Тоби Вогел и Курт Басуенер оценуваат дека Париз прво „му ја тресна в лице вратата на Западен Балкан“, а потоа понудил „тенка хартија“ која не претставува сериозен пристап на проблемите во процесот за пристапување кон ЕУ.
Основачите и аналитичарите на Советот за политика на демократизацијата Курт Басуенер и Тоби Вогел во својот авторски текст објавен во ЕУ обвзерверот оценуваат дека ЕУ во последните година дена направила низа стратешки грешки со кои го уништи и она малку кредибилитет и влијание кое го имаше во регионот на Западен Балкан.
Потсетувајќи на француската блокада за пристапните преговори на Албанија и Северна Македонија, авторите на текстот оценуваат дека Макрон со своите условувања за пристапните преговори со реформа на методологијата, но и инсистирањето на внатрешна реформа на ЕУ пред влез на нови членки, всушност „ја тресна вратата на Унијата за Западен Балкан в лице“.
„Од тој момент стана јасно колку значи улогата на оној кој го влече првиот потег. Сега се подразбира дека Париз управува со целокупната политичка агенда на ЕУ кон Западен Балкан. Тоа е и своевидна проба за целта на Макрон, а тоа е промена на целокупната ЕУ агенда“, наведуваат во Центарот за политика на демократизација.
Тие сметаат дека Франција своите идеи за реформа на процесот за пристапување ја претстави на „тенка хартија“ според која досегашниот процес од 35 поглавја се реформира во пристапни преговори поделени во седум фази.
„Тоа јасно покажува дека Франција нема сериозен предлог. Фактот дека хартијата беше претставена непосредно пред состанокот на министрите на ЕУ кои расправаа за проширување и дека немаше доволно време да се подготвени смислена дискусија уште повеќе ја нагласува плиткоста на француската позиција“, сметаат Басуенер и Вогел.
Тие во својата анализа оценуваат дека станало очигледно дека политиката на проширување на ЕУ не е она што го загрижува Макрон, туку дека се потврдени сомнежите дека се работи за преземање на водечките улоги во Европа во момент кога Велика Британија излегува од ЕУ, а Германија е политички парализирана.
Басуенер и Вогел сметаат дека како ни францускиот предлог, така ни другите „недоволно промислени“ идеи кои се вртат околу француското вето не носат никаков свеж увид во тоа зашто процесот на пристапување на Западен Балкан не бил трансформиран на начин на кој бил во претходните рунди на проширување на централна и источна Европа.
„Самата идеја за тоа дека Советот на ЕУ и наложи на Европската комисија во рок од два месеци да развие ревидирана политика за проширување, како што стои во францускиот предлог, претставува недостаток на простор за сериозност и анализа“, наведуваат Басуенер и Вогел.
Тие велат дека Центарот за политика на демократизацијата веќе предлагал начини како процесот на проширување на ЕУ би можел да биде реконструиран, односно укажувале дека моменталниот пристап на ЕУ „ги засилил и обогатил постоечките елити, го ослабело и отуѓило цивилното друштво, ја продлабочил економската нееднаквост и не успеал да ги засили демократските вредности, институции и пракси во регионот“.
„Откажувањето од моменталната политика и рамките на проширување без разбирање зошто таа не работи е вандализам на политиката, а не реформа“, наведуваат во Центарот за политика на демократизацијата.
Тие сметаат и дека францускиот предлог, како и многу други неофицијални предлози пред него, се фокусираат на економијата, па потсетуваат дека промената на фокусот од политички на економски долго време бил одговорот на ЕУ за сите пропаднати политики на Западен Балкан.
„Истовремено се занемаруваат вистинските причини за таквите неуспеси, дека се е вкоренето во недостатокот на инсистирање на политичка одговорност и директен граѓански ангажман заснован на темелните вредности на ЕУ“, се наведува во анализата.
Авторите од Центарот за политика на демократизацијата напоменуваат дека и покрај признанијата на ЕУ дека заробена држава е раширена појава меѓу земјите кандидати и аспиранти, францускиот предлог не спомнува зборови како што се „корупција“ или „заробена држава“.
„Можеби е најважно тоа што во предлогот не се споменуваат либералните вредности, слободата, демократијата или политичката одговорност“, напоменуваат авторите.
Кога станува збор за ускладување на Западен Балкан во областа на надворешните работи, критички се гледа на фактот дека тоа е „спуштено“ во шестата фаза на пристапување според францускиот предлог, што е во спротивност со геополитичките стравови како на Париз така и на другите членки на ЕУ.
Во заклучокот Басуенер и Вогел велат дека многумина на кои францускиот предлог се однесува се обидуваат од очај да најдат нешто позитивно, што, како што оценуваат, го нема во француската хартија.
„Доколку ваквата политика се усвои, граѓаните на земјтие од регионот ќе имаат право ЕУ и некои други странски актери да ги гледаат на истиот начин – како дел од проблемот, отколку решение и со самото тоа ненасилно да се здружат против нив“, се заклучува во текстот.