Франција ќе инвестира осум милијарди евра во заеднички европски проекти


Франција – Франција планира да инвестира осум милијарди евра во заеднички европски инвестициски проекти во секторите на полупроводници, батерии, водород и здравство, изјави денеска министерот за финансии Бруно Ле Мер. Европската комисија ги олесни инаку строгите регулативи за државна помош за проекти од заеднички европски интерес во кои се вклучени повеќе земји-членки и ја поддржуваат европската стратегија во областа на енергетиката и дигиталната транзиција.

„Франција ќе инвестира вкупно осум милијарди евра во заеднички европски проекти кои ќе ни овозможат да се натпреваруваме со најдобрите технолошки стандарди ширум светот, особено Кина и САД“, рече Ле Мер на прес-конференција.

Презентирајќи ги приоритетите на шестмесечното француско претседавање со ЕУ, Ле Мер рече дека Франција издвоила 1,5 милијарди евра за постоечките важни проекти од заеднички европски интерес во производството на батерии за автомобили.

Парите ќе овозможат отворање на 2.000 работни места во фабрика за батерии во Франција. Париз најави и 1,7 милијарди евра за производство на полупроводници, чиј недостиг ги погодува компаниите ширум светот, особено производителите на автомобили во периодот на закрепнување на побарувачката по кризата со коронавирусот.

Инвестицијата ќе му помогне на француско-италијанскиот производител на полупроводници STMicroelectonics да го зголеми неделното производство од 6.800 на 8.000 чипови во фабриката во Крол во југоисточна Франција.

За заеднички водородни проекти ќе обезбеди три милијарди евра, преку 15 европски проекти од кои ќе имаат корист француските компании, вклучително и хемиската групација Аркему, производителот на автомобили Рено, производителот на автоделови Фауресија, Пластик Омниум, компанијата за водород Мекфи и индустриската гасна група Ер Ликвид.

Во здравствениот сектор, Париз ќе насочи 1,5 милијарди евра за развој на биотерапија и ќе го зголеми производствениот капацитет за да се избегне зависност од неевропски добавувачи.

– Дополнително, издвоени се 300 милиони евра за складирање податоци во француски или европски облак мрежи, во корист на француските групи ОВХ, АТОС и Оранж, нагласи министерот Ле Мер.