Франција ќе ги награди со државјанство сите имигранти што работеле во време на коронавирусот

Франција ќе ги награди со државјанство сите имигранти кои работат на работни места од витално значење, потврдено е од француското Министерство за внатрешни работи, кое ги покани сите странци со работни дозволи, кои учествувале во борбата против Ковид-19, да се пријават, јави Би Би Си.

Имигрантите ангажирани на првите линии на фронтот во борбата против Ковид-19, пред се медицинскиот персонал, комуналните работници и трговците, биле повеќе изложени на коронавирусот од останатите и многумина го загубиле животот поради својата работа за време на пандемијата.

Франција е меѓу 10-те најпогодени земји со повеќе од 2,5 милиони потврдени случаи на инфекција и речиси 62 илјади смртни случаи.

Иницијативата за забрзано стекнување државјанство првпат е покрената во септември и досега 74 лица веќе добија француско државјанство, а уште 693 молби се во завршна фаза на управна постапка.

Досега вкупно 2.890 лица поднеле барање за забрзан процес за добивање француско државјанство.