Франција ја обвини Турција дека испраќа сириски платеници во Нагорно Карабах

Франција   ја обвини Турција дека испраќа сириски платеници да се борат во конфликтот во Нагорно Карабах и соопшти дека работи со Русија за постигнување примирје меѓу Азербејџан и етничките ерменски сили. Турција негира дека испраќала платеници да учествуваат во конфликтот, јавија француски медиуми.

И руското Министерство за надворешни работи соопшти вчера дека сириски и либиски борци од нелегални вооружени групи се испраќаат во регионот Нагорно Карабах.

Русија има воена база во Ерменија и смета дека е стратешки партнер. Во Франција има околу 600.000 луѓе со ерменско потекло.

Амбасадорот на Ерменија во Москва во понеделникот рече дека Турција испратила околу 4.000 борци од северна Сирија во Азербејџан и дека тие се борат таму, тврдење што го негираше помошникот на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и турската Влада.

Претседателите на Русија и на Франција, Владимир Путин и Емануел Макрон разговараа за ескалацијата на конфликтот во спорниот регион Нагорно Карабах и ги повикаа завојуваните страни да се воздржат од насилство што е можно повеќе и да ги запрат непријателствата што е можно побрзо, соопшти Кремљ.

Во разговор инициран од француска страна, лидерите детално разговараа за значително влошување на состојбата во зоната на конфликтот во Нагорно Карабах. Се изрази сериозна загриженост поради континуираните големи борбени дејствија, се вели во соопштението.