Франција изненадена од гласањето на Македонија во ОН
Има нешто многу поважно – територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, рече францускиот амбасадор

Францускиот амбасадор Кристоф Ле Лиголер денеска изјави дека за Париз и за целата ЕУ била неочекувано гласањето на Македонија во Обединетите нации за резолуцијата а Украина, кога нашата држава стана коспонзор на САД на документот во кој не се наведуваше дека Русија е агресор. Според него, гласањето во ОН е важно, но денес има поважни работи – а тоа се територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед.
На настан посветен на Франкофонијата Риголер беше прашан од новинарите дали позиционирањето на земјава за резолуциите на ОН може да се одрази на нашиот евроинтегративен пат.
„Одлуката за гласање на Северна Македонија во Њујорк за нас беше неочекувана. Мислам дека треба да се концентрираме на темата којашто е важна затоа што се случија гласањата во Њујорк. Постои навистина неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но има и поважна тема, а тоа е вредноста којашто денес ја даваме во Европа на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет, и јазик. Тоа е тема која што бара единствен европски одговор“, рече амбасадорот
Тој нагласи дека целта на европската дипломатија денес, „целта на секој од нас е токму да се одржи таа унитарност и да се има исти заеднички пристап кој ќе обезбеди безбедност на континентот во наредните години, наредените децени за нас и нашите деца“
Претседателот на СДСМ Венко Филипче претходно денеска на прес-конференција изјави дека последното гласање за резолуциите за Украина во ОН јасно покажало дека македонската надворешна политика е без компас, дека се одлучува импулсивно и без надворешно политички приоритети.
„Со овие хаотични и навистина неразбрливи одлуки Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Дополнително Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, а потоа гласавме воздржано“, рече Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за забелешките на Филипче, не кажа зошто Македонија се отклонила од европскиот став. Тој рече дека коалицијата на СДСМ и ДУИ изминатите седум години не „бираше средства и начин да ја понижи и засрами Македонија и да се збогати на грбот на граѓаните и затоа имаат најмалку кредибилитет да зборуваат за нашата меѓународна активност и релации со администрацијата на претседателот Трамп“.
„И да, бевме ние коспонзори на таа резолуција заедно со уште неколку држави, Израел, Унгарија и Грузија. И ќе ја потсетам македонската јавност дека таа е обврзувачка резолуција, бидејќи помина на Советот за безбедност, каде останатите членки кои се постојани, но и оние кои се ротирачки, не гласа против, што значи ја поддржаа резолуцијата зади која како коспонзор се јавува нашата влада“.
Тој додаде дека кога требало резолуцијата да се гласа во Генералното собрание биле поднесени неколку амандмани, најголемиот дел биле одбиени, а еден прифатен и тогаш предлагачот САД, го искористил правото и гласал воздржано. Македонската владабила во целосна координација со САД и тие гласале воздржано.