Франција и Шпанија ќе забранат продажба на бензински и дизел возила по 2035 година
Франција и Шпанија се приклучија на иницијативата да се забрани продажба на бензински и дизел возила по 2035 година, пет години порано отколку што предвидуваше претходниот план, согласно настојувањето да се забрза преминот кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод.
Двете земји го дадоа ветувањето на разговорите за климата на КОП27 (COP27) во египетскиот град Шарм ел-Шеик. Tака, Франција и Шпанија се најдоа во групата нови потписници на Декларацијата за возила со нулта емисија, покрената на минатогодишната конференција во Глазгов.
Потписниците, меѓу кои има држави, локални заедници и компании, се обврзаа на 100 отсто продажба на возила со нулта емисија до 2035 година на водечките пазари и до 2040 низ светот.
Вкупниот број потписници на оваа декларација сега изнесува 214, во однос на 130 колку што беа една година претходно.
Креаторите на политиката сакаа да ги намалат или елиминираат емисиите на стакленички гасови од автомобили, камиони и од други форми на транспорт.
Според податоци објавени од Блумберг, годинава ќе биде рекордна за продажба на возила со нулта емисија, при што електричните возила ќе учествуваат со 13,2 отсто од вкупната продажба во првата половина од годината.