Франција го усвои контроверзниот закон за пензионирање без гласање во парламентот


Франција го усвои законот за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години без гласање во парламентот.

Премиерката Елизабет Борн го објави ова од говорницата на парламентот, откако францускиот претседател Емануел Макрон одлучи да дозволи одлуката да помине без гласање во Долниот дом.

Елизабет Борн мораше буквално да се надвикува со пратениците кои протестираа против оваа одлука. Но, таа го прочита својот говор до крај и го напушти парламентот.

Француската влада одлучи да го спроведе членот 49.3 од уставот.

Според овој член од уставот, Владата има право да донесе закон без гласање во парламентот доколку претседателот нема поддршка од мнозинството пратеници.

Претходно денеска, Макрон доби одобрение од Сенатот за неговата контроверзна пензиска реформа.

Сенатот во кој доминираа конзервативците ја одобри реформата со 193 гласа „за“ и 114 „против“.

Долниот дом на Националното собрание денеска требаше да гласа за предлогот за реформа на пензискиот систем, но исходот од гласањето се очекуваше да биде неизвесен.